19-годишниот матурант Тони Сали, кој цела деценија водеше битка со Управата за водење матични книги за добие матичен број и Извод на родени, почина завчера, објави порталот САКАМДАКАЖАМ.

Тони нема да добие ниту посмртница. Единствен документ и доказ дека постоел, ќе останат неговите петки од прва до последна, освоените домашни и меѓународни награди од натпревари и свидетелствата. Школите ги отворија вратите за него надвор од законот, врз основа на Конвенцијата за права на детето.

Како што информираа СДК, Сали починал дома крај тешко болниот татко, покрај мајка си, братот и сестрата. Причините за прераната смрт на ова момче не се знаат, затоа што ова момче немајќи извод, никогаш немаше ни здравствена книшка, а ни лична карта. Пари за приватни лекарски прегледи, неговото социјално загрозено семејство, немало.

Државата никогаш не му даде матичен број. Го условуваше место биолошкиот татко, за родител да му впишат странски државјанин кој не му е татко. Потоа, во друга процедура, да го поништел тоа татковство со човекот со кој детето и родителите немаат никаков контакт, оти такви ни биле законите. А во меѓувреме, Тони Сали требаше да живее како странец, без државјанство, без права на бесплатно школување, здравствена и социјална заштита како останатите граѓани на Македонија, што родителите никогаш не го прифатија.

Управата никогаш не го признала неговиот биолошкиот татко. Кога Тони се родил неговата мајка, која долги години си живеела со татко му во Македонија, не се имала разведено со првиот сопруг од Бугарија. Па оттаму нашата држава до последно инсистираше да му го наметне како татко за да му даде извод.

Тони е роден во Македонија, во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, со час време и место на раѓање. Имал живи биолошки мајка и татко, т.е. со сите исполнети услови да биде запишан во Матичната книга на родени.

19-годишниот Тони Сали беше одличен ученик во целото школување, со бројни награди на домашни и натпревари под меѓународно покровителство, но иако стана полнолетен не можеше да добие лична карта, ни да се запише на факултет.

извор: САКАМДАКАЖАМ