Министерката за одбрана Славјанка Петровска преку видео обраќање се обрати на панел дискусија насловена „Улогата на жените за време на криза”, на меѓународната конференција за промоција на родовата еднаквост „Жените во надворешната политика”.

Министерката во обраќањето се осврна на важноста на Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации 1325, Жени, мир и безбедност и истакна дека кризата во Украина треба да ни биде потсетник за вклучување на жените во сите области за превенција на конфликти и градење на мирот. Без вклученост на жените, потенцираше, не може да биде постигнат одржлив мир и безбедност. Петровска се осврна и на постигнувањата во Министерството за одбрана.

„Денес сум горда на она што го постигнавме во изминатиов период, Министерството за одбрана стана лидер во политики на родова еднаквост во Северна Македонија, а родовата перспектива е интегрирана во стратешките документи на министерството за одбрана и Армијата. Особено сум среќна поради тоа што не само што преземаме институционални мерки и чекори за да ја интегрираме родовата перспектива туку и поттикнуваме активности на регионално ниво”, рече Петровска.

Министерката истакна дека исклучителна вредност во модерните демократии е вклученост на жените во одбраната, во работните процеси и на соодветни позиции вклучувајќи ги лидерските, менаџерски позиции, и позициите за донесување одлуки и општествата каде што жените и девојките не се почитувани, ценети и не им се дадени еднакви можности се општества кои не е способни за развој.

„Одговорноста за интеграција на родовата перспектива и родовата еднаквост лежи во сите, промена на размислувањата и промена на традиционалните норми кои ги маргинализираат жените е колективна одговорност. За една жена да биде успешна најважно е да има позитивни примери, да биде одлучна и инспирирана. Затоа ни требаат жени кои ќе бидат пример и ќе ги охрабруваат жените и девојките во нашата земја и во светот”, заклучи министерката.