Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска ја отвори регионалната конференција „Војната во Украина и влијанијата на надворешни актери – безбедносни предизвици за Европа и регионот”, која ја организира Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Фондацијата „Конрад Аденауер“.

Министерката Петровска истакна дека НАТО е согласно дека поддршката за Украина ќе продолжи зашто оваа земја се брани и се бори да го зачува меѓународното право засновано на правила. И Северна Македонија на дело покажа дека е цврсто посветена на помошта и поддршката на Украина, не за војната да се оддолжи, туку за независна и суверена Украина да може да се одбрани од агресијата врз неа.

„Ние ја осудивме руската агресија врз Украина и дадовме целосна поддршка на украинскиот народ во одбрана на својата независност која вклучуваше не само политичка, туку и конкретна техничка помош и воена опрема. Три одлуки беа донесени, во фаза сме на договарање на четвртата, таа наскоро ќе биде донесена. Споредено со нашите капацитети и големина, припаѓаме во групата на земји кои најмногу ја помогнаа Украина во нивната праведна одбрана од агресијата. Тоа го направивме затоа што веруваме во принципите на меѓународното право кое не дозволува воена агресија на една земја врз друга“, рече министерката.

Петровска се осврна и на бројните предизвици со кои се соочуваме денеска, особено енергетската криза која влијае на сите аспекти на живеењето. Кога енергенсите стануваат оружје чија цел е да се скрши поддршката за Украина, подвлече, ние мораме да бидеме уште посилни и понапорно да работиме да ја намалиме зависноста од оваа закана во иднина.

„Енергетската зависност станува клучен предизвик за повеќето земји. Поради порастот на цените на енергенсите, импликациите се чувствуваат врз секој аспект од нашето живеење. Сите во регионот ги чувствуваме и другите последици на војната во Украина, од растот на инфлацијата, дезинформациите и популистичките реторики кои се засилуваат користејќи го видливиот застој во евроинтеграциите на западниот Балкан“, рече Петровска.

Министерката ги спомена и хибридните и сајбер заканите како закана за развиените општества и истакна дека особено внимание треба да се посвети на развојот на политички, но и на неполитички алатки против овие хибридните активности и заедно со регионот да се изгради општествена отпорност против овие видови на загрозување.

Конференцијата има за цел да поттикне јавна дебата и да даде придонес кон надминувањето на предизвиците со кои се соочуваат општествата како последица на војната во Украина. На Конференцијата стана збор за импликациите од војната во Украина врз безбедноста и одбраната, влијанието на војната врз социо-демографските промени, економската безбедност, комуникациите и ширењето на дезинформации.

Воведничар на конференцијата беше професорот Марјан Ѓуровски од Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет, а на отворањето се обратија и Даниел Браун, официјален претставник на Фондацијата „Конрад Аденауер“ во Северна Македонија и Косово, професорот Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ , професорот Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет, Лариса Дир, амбасадорка на Украина, Ерик Мајер заменик амбасадор на САД и Ото Граф заменик амбасадор и раководител на Одделот за економија при Амбасадата на Германија.

Учесници на Конференцијата се универзитетски професори и експерти од областа на безбедноста и меѓународните односи од Северна Македонија, Германија, Бугарија, Србија и од Црна Гора.