СДСМ апсолутно смета дека како парламентарно мнозинство и како Влада сме отворени за сите политички субјекти кои ги делат истите вредности и истите идеали како и ние во делот на НАТО интеграциите и ЕУ на нашата држава,  рече пратеничката Славјанка Петровска од СДСМ во гостувањето на „Само вистина“ на Канал5.

-Изминатите години, иако навистина поминавме низ поприлично турбулентен период и затекнавме држава во која што власта поприлично направила дисторзија на целиот систем, сe обидувме и навистина изградивме еден стабилен систем, а политички кризи од овој тип инспирирани од некои лични побуди навистина не смее да дозволиме да влијаат на стабилноста на државата и се разбира на развојот на државата и од тие причини не би потенцирала сега со кој политички партии и дали се преговара и во кој формат, дополни таа.

Според Петровска не се потребни нови избори особено во момент во кој државата ја зафаќа економска и енергетска криза, и затоа е потребна стабилност.

– Ние имавме минатата година парламентарни избори и ова мнозинство доби доверба, затоа не се потребни нови трошоци и кочници во надминување на кризата со нови избори, рече таа.

Според Петровска дискутабилна е иницијативата што претходно беше потпишана од 61 пратеник, и други пратеници реагираа и ги повлекоа потписите, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ  направи замка за иницијативата и ги изманипулира пратениците..

-Колегите од опозицијата се разочарани и знам дека Мицкоски нема план и програма за оваа држава и затоа ова беше неуспех, рече Петровска.