Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во Будва ќе учествува на министерскиот состанок на САД – Јадранската повелба, заедно со министри и шефови на делегации од земјите членки на иницијативата САД-Јадранската Повелба (А-5), Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Северна Македонија и Соединетите Американски Држави и делегации од земјите набљудувачи: Косово, Словенија и Србија.

Состанокот ќе се реализира во две работни сесии посветени на современите глобални безбедносни предизвици, како и на здружениот пристап кон заедничките стратешки интереси во контекст на поддршката за Украина.

Иницијативата САД-Јадранска Повелба е воспоставена со потпишувањето на Повелбата за партнерство помеѓу САД, Албанија, Хрватска и Македонија во Тирана во 2003 година. Во 2009 година кон иницијативата се приклучија Црна Гора и Босна и Херцеговина со што иницијативата го добива форматот А-5.

Целта на иницијатива е заеднички и координирани активности за што побрзо исполнување на критериумите и стандардите на НАТО, унапредување на соработката во ЈИЕ и развој на настани насочени кон градење мир, демократија, стабилност и просперитет во Регионот. Активностите во иницијативата се насочени кон зајакнување на меѓусебната соработка, унапредување на одбранбените способности и капацитети, заедничко учество на вежби и обуки, НАТО операции и мисии, соработка меѓу регионалните центри за обука, како и промоција на политиката на отворени врати во А-5 за земјите набљудувачи и другите земји од регионот кои се со евроатланска ориентација и имаат за цел членство во НАТО Алијансата.