„Треба да се има предвид дека во Град Скопје се уште власт е ВМРО-ДПМНЕ. Тие раководат со Советот и како што пред еден месец изнајдоа решение како да го платат долгот кон ЈСП од два милиона евра и денес може да свикаат седница и да наложат на градоначалничката од одредена ставка на буџетот да го исплатат долгот“ изјави министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов во неговото гостување на Сител.

Тој додаде дека тоа не се прави, туку ВМРО-ДПМНЕ со политички памфлети и препукувања на штета и на грбот на граѓаните дава дневнополитички изјанви.

Министерот поради ова смета дека протестот може да има и политичка позадина, бидејќи воопшто не е насочен кон тие кон кои што наводно цели.

„Овој протест зема посериозен замав и според она како е проектиран тој воопшто не е насочен кон градоначалничката, кон ЈСП или кон долгот на ЈСП, бидејќи ЈСП не е загрозен со овој протест, градоначалничката исто така не е блокирана со овој протест. Единствено блокирани се граѓаните“ рече Пенов.

Тој додаде дека доколку долгот бил еден милион евра, само во вчерашниот ден штетата била поголема, ако се земе предвид бензинот што граѓаните го трошат, тоа што бизнисот трпи, а работниците губат работни часови поради доцнење.