„Овој протест зема посериозен замав и според она како е проектиран тој воопшто не е насочен кон градоначалничката, кон ЈСП или кон долгот на ЈСП, бидејќи ЈСП не е загрозен со овој протест, градоначалничката исто така не е блокирана со овој протест. Единствено блокирани се граѓаните. Ако долгот бил еден милион евра, штетата е само денес поголема, ако се земе бензинот што граѓаните го трошат, ако бизнисот трпи и изгубените работни часови поради доцнење на работа“ изјави синоќа министерот за локална самоуправа Ристо Пенов во неговото гостување на Сител ТВ.

Тој додаде дека овој протест има контури на политички протест, бидејќи воопшто не е насочен кон тие кон кои што наводно цели, туку револтот на приватните превозници е против Владата.

Во врска со можната интервенција на Владата за помош во ситуацијата, министерот изјави дека јавниот превоз е во рацете на Град Скопје.

„Јавниот превоз е во рацете на Градот Скопје. Мерките на Владата не можат да донесат долгорочни благопријатни мерки. Тоа е спротивно на процесот на децентрализација кој сакаме да го засилиме уште повеќе. Нам не ни одговара револтот, овој револт е против Владата. Први избори кои следат се парламентарните и претседателските што значи на удар е Владата. Оваа политичка тенденција е со друга цел“, смета министерот за локална самоуправа.