Кандидатот за претседател, Стево Пендаровски вчерашниот ден од изборната кампања го заокружи со граѓански митинг во Гостивар.
Пред присутните Пендаровски потсети на резултатите постигнати во изминатите пет години како враќањето на слободата и демократијата, градењето модерно општество на еднакви граѓани и напредокот во евроинтегративниот процес.
Пендаровски посочи дека по членството во НАТО, се случи напредок и во процесот на интеграција кон ЕУ, кој сега е блокиран поради блокадите на ВМРО-ДПМНЕ и нивниот однос кон меѓународните договори што ја гарантираат евроатлантската интеграција на државата.
„Што нуди ВМРО-ДПМНЕ во однос на договорите што нѐ вратија во нормалниот цивилизиран свет? Нудат поништување. Кога ќе ги прашате што после тоа поништување, велат повторно ќе почнеме да преговараме. Имаат ли гаранции дека некој од надвор од големите сили ве поддржува за тоа повторно да го преговарате и да го доведете до исход кој е добар за народот и државата? Немаат. Немаат еден докажан пријател, партнер од големите сили, како што имавме ние. Сите овие договори што ги споменувам и со Грција и со Бугарија и со Европа се направени со огромна поддршка и помош од Америка, од Германија, Франција, од големите меѓународни сили. Тие немаат ниту еден и затоа кога доаѓаат пред вас ви кажуваат дајте ни власт па од 9 мај ќе ви кажеме кои се нашите планови. Тоа е крајно несериозно“ порача Пендаровски.
Затоа, додаде тој, уште на 24 април потребна е масовна мобилизација и заокружување на бројот еден со што напредокот на државата ќе продолжи.
Пендаровски во своето обраќање пред граѓаните порача и дека е крајно време за да се испита потеклото на имот на сите судии и обвинители, но и на политичарите, почнувајќи од него, а оние за кои ќе се утврди дека за време на нивниот мандат несразмерно го зголемиле својот имот прво да ги вратат парите а потоа и да се соочат со затворски казни.