„Во следниве недели македонските граѓани ќе бидат исправени пред истата дилема како и пред 10 или 20 години. Дали да им дадат доверба на квазипатриотите или оние кои покажаа дека знаат да ја позиционираат Македонија и да ги штитат нејзините државни интереси во светот во кој големите ги диктираат правилата“ рече претседателот Стево Пендаровски на конвецијата за промоција на кандидатурата за втор мандат.

Тој додаде дека паметиме дека истите квазипатриоти и во 2001, наместо Рамковен договор нудеа воена опција, без да кажат дали во војна до истребување може да има победник или колкава ќе биде цената во човечки животи и дали ќе може да се продолжи да се живее во иста држава ако се пресметуваме, наместо да се договараме.

„Нудеа и нудат поништување на Договорот од Преспа, а како алтернатива нудат изолација или БРИКС, организација во која нема ниту една европска држава, каде членуваат Етиопија и Иран, а основач е Русија, која пред две години со оружје го нападна својот сосед, бидејќи била вештачка творба, а јазикот и идентитетот измислен од комунистите. Тоа е истата пропаганда која ја користат негаторите на македонската самобитност и идентитет“ рече Пендаровски.

Претседателот додаде дека истите тие политичари, дури и за референдумот за името во 2018 година немаа став и цело време велат „Никогаш Северна“, но од „Северна“, пет години добиваат функционерски плати и не им паѓа на памет да ги вратат мандатите на граѓаните.