Со рамки на развојните зелени политики, во програмата на новата влада на мандатарот Димитар Ковачевски се интензицираат политиките и активностите за декриминализација, легализација и искористување на медицинските, социјалните и економските придобвки од канабисот.

Првенствено, преку измена и дополнување на законодавството, ќе се бараат решенија за да се дозволи освен лекари од јавното, и лекари од приватното здравство да можат да препишуваат препарати од канабис и да се дозволи можност пациентот кој добил препорака за лекување со препарати од канабис да може сам да одгледува и користи канабис во форма која согласно неговата здравствена состојба најмногу му одговара.

Освен тоа идната влада ќе работи и на прашањето за декриминализација и легализација на поседување, лична употреба и одгледување на растение канабис за лична употреба, имајќи го предвид фактот што засега голем број граѓани се прогонувани поради употреба на природната билка канабис, што ги става во неповолна положба во однос на другите граѓани.

Во програмата на владата исто така влегува дека ќе се разгледува и зголемувањето на бројот на здравствените состојби за кои може да се користи канабис, како и формирање на фонд од давачките што ќе ги плаќаат правните лица кои произведуваат и тргуваат со канабис. Со тој фонд ќе се поддржуваат програми за лекување на разни болести, маргинализирани групи, како и прокети од јавен интерес од областа на медиумите, културата, спортот и граѓанскиот сектор.