Поради зголемениот број на новодијагностицирани случаи, главниот државен здравствен инспектор Ангел Кунчев предложил воведување на поригорозни мерки за заштита од коронавирусот.

Република Бугарија по бројот на починати лица како последица на коронавирусот е на прво место во ЕУ, покажале најновите податоци направени во Универзитетот Џонс Хопкинс.

Според податоците од последната седмица, во Бугарија забележани се 5,3 смртни случаи на милион жители, а веднаш потоа следат Грција и Литванија, пренесува порталот „Новините“.

Поради зголемениот број на новодијагностицирани случаи на Ковид-19, Ангел Кунчев предложил воведување на поригорозни мерки според кои се запираат сите јавни настани како концерти, музички настани од било каков карактер и други фестивали, како и конференции и натпревари.

Рестрикциите нема да важат доколку сите лица кои присуствуваат се вакцинирани или пак негативни на Ковид-19.

Работата во рестораните е дозволена само во надворешниот дел од објектите и тоа со половина капацитет, а од вработените се бара да бидат вакцинирани.

Во шопинг центрите дозволено е присуство на едно лице на осум метри квадратни.