Измените во Изборниот Законик со цел воведување на отворени листи, како и гласањето во една изборна единица се очекува да ја унапредат македонската демократија, но партиите сеуште се немаат усогласено по ова прашање и дадено ветување – ова е заклучокот на завршната Конференција на тема „Измена и дополнување на Изборен Законик – Отворени листи“. Настанот имаше за цел презентација на спроведените активности за реализација на законските измени објавени од Владата за измена и дополнување на Изборниот Законик во делот на воведување на отворени листи. Свои обраќања имаа Херолинд Сакипи, мобилизатор на заедницата и автор на Проектот, Благица Димитровска, претседателка на Здружението „Инклузива“ од Куманово, Џабир Дерала, активист за човекови права, писател и новинар, и Бојан Кордалов, комуниколог.

Немало постигнат консензус помеѓу политичките партии за да се менува моделот и да се премине на гласање со отворени листи за советници на локалните Избори, посочи Херолинд Сакипи, мобилизатор на заедницата и автор на Проектот.

„Според направената анализа за изминатиот период констатирав дека значаен дел од препораките на ОБСЕ/ОДИХР за измени на Изборниот Законик се усвоени, но дека не е прифатен моделот на отворени листи и препораката во врска со прагот на потребните потписи за независните кандидати, како и дека одредбите за биометриска идентификација на гласачи се имплементира“, потенцира Сакипи на завршната Конференција.

На средбите кои тој ги остварил со претставници на парламентарните партии, се дискутирало и за изборните единици, а било заклучено дека е потребен широк и кохезивен меѓупартиски консензус за кој е неопходно повеќе време со цел да се дојде до конечен договор кој би бил прифатлив за сите.

Лицата со попреченост имаат еднакви изборни права, кои на изборниот ден во поголема мера не се почитуваат – посочи Благица Димитровска, претседателка на Здружението „Инклузива“

„Како држава ја имаме ратификувано Конвенцијата за правата на лицата со попреченост во 2011 година и во член 29 постои обврска за создавање на услови за еднакви изборни права за лицата со попреченост како гласачи, кандидати и набљудувачи. Од 2018 година ‘Инклузива’ врши мониторинг на изборните процеси со набљудувачи со попреченост и за сите избори има подготвено извештаи со препораки, а најголемиот дел од препораките се преклопуваат со препораките на ОБСЕ/ ОДИХР“, истакна Димитровска.

Како што посочи таа, „Инклузива“ и Државната изборна комисија (ДИК) склучиле Меморандум за соработка во 2018 година и оттогаш наваму заеднички создале материјали за поддршка на гласачите со попреченост како што се Шаблонот на Брајово писмо, граничникот за потпис и сликовити прикази за процесот на гласање.

„Сеуште постојат многу бариери за еднакви изборни права на оваа категорија на граѓани, како што се системските бариери, непристапноста до гласачките места и некористење на материјали за поддршка на изборниот ден. Правото на избирачите со попреченост не е привилегија, туку е обврска за државата и изборните органи!“, заклучи Димитровска.

Една изборна единица ќе овозможи одржлива демократија, а воведувањето на отворени листи ќе значи поголема власт за граѓаните наместо за партиите – смета Бојан Кордалов, комуниколог – специјалист за односи со јавност и нови медиуми.

„На претходните неколку изборни циклуси граѓаните испратија две многу јасни пораки. Првата, дека не се задоволни од политичката понуда кај нас и бараат таа да се проширува и прилагодува, а втората е дека граѓаните сакаат и гласаат за пошаренолики понуди како што е тоа случај со општинските совети. Воведувањето на ветените реформи во Изборниот законик ќе овозможи одржлива демократија, односно ќе оневозможи која било од големите партии да освои апсолутна власт. Бидејќи секогаш кога партиите на избори освојувале 60 пратеника, одговорноста кон граѓаните била многу ниска, а државата се оддалечувала од демократските процеси“, вели Кордалов.

Според него, политичарите мора да прифатат дека компромисот е главен составен дел од политиката и дека секоја власт на локално или централно ниво мора да прави компромис со другите политички претставници во коалицијата, но и од опозицијата. Потребно е, истакнува Кордалов, да престане комуникацискиот наратив дека некој некого уценува во политиката и затоа е неопходно граѓаните да гласаат само за една политичка партија. Напротив, со ваквите измени конечно ќе се создадат услови секоја власт да се „плаши“ од граѓаните, наместо како што гледаме децении наназад, граѓаните да се плашат од властите и политичарите кои ги избираат или, пак, од јавните институции кои секој од нас ги плаќа.

За време на Конференцијата беше презентирана и онлајн анкета спроведена во рамки на Проектот.

Ви стоиме на располагање за повеќе информации на hsakipi@gmail.com или на телефонскиот број 072/701-378 (контакт лице Херолинд Сакипи)

Повеќе инфо за Проектот: Реализатор на активностите е Херолинд Сакипи, кој е еден од избраните мобилизатори во заедницата во рамки на „Поддршка на изборните реформи“ – Проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), кој го спроведуваат Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) и нејзиниот партнер, Националниот младински совет на Македонија (НМСМ). Сакипи, во рамките на проектните активности за следење на активностите поврзани со најавени измени на Изборниот Законик – воведување на отворени листи, оствари и работни средби со потпретседателката на ДИК, Дитмире Шеху, координаторот на пратеничка група, Арбер Адеми, пратениците Берат Ајдари, Мартин Костовски, Елми Азири, Моника Зајкова, Фадил Зендели, а спроведе и онлајн анкета на оваа тема.

“Поддршка на изборните реформи во Република Северна Македонија” е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) и има за цел да ги поддржи демократските и веродостојни изборни процеси кои го олеснуваат политичкото учество и социјалната интеграција со тоа што на гласачите им овозможуваат да ги изберат своите претставници и од нив да бараат отчетност. Проектот цели кон зајакнување на институциите вклучени во изборни процеси, внатрешно демократизирање на политичките партии и едукација на граѓаните.  Активностите воглавно се насочени кон три различни таргет групи, и тоа: 1) изборната администрација преку директна поддршка на Државната изборна комисија; 2) политичките партии преку директна поддршка на иницијативи на млади членови и активисти кои работат на проекти наменети за граѓаните; и 3) граѓанскиот сектор преку директна поддршка на млади мобилизатори во заедницата. Десетгодишниот проект кој стартуваше во 2019 година е имплементиран од страна на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) во партнерство со Националниот младински совет на Македонија.