Канцеларијата на европското јавно обвинителство (ЕППО), во соработка со органите на прогонот во 14 земји членки на Европската унија, спроведе масовна акција во која, како што велат, е откриена најголемата измама со ДДВ во Европа, која се базира на продажба на популарна електронска стока.

Акцијата е спроведена во Белгија, Кипар, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Италија, Литванија, Луксембург, Холандија, Португалија, Романија, Словачка и Шпанија. „Во рамките на оваа операција на ЕППО, веќе се извршени претреси во Чешка, Унгарија, Италија, Холандија, Словачка и Шведска на 12 и 13 октомври 2022 година“, соопшти Канцеларијата.

Сите собрани податоци се анализираат, а истрагата за организираните криминални групи кои стојат зад оваа шема продолжува. Проценетата штета што се истражува во рамките на „Операцијата Адмирал“ во моментов изнесува 2,2 милијарди евра, се додава во соопштението.

Канцеларијата на европското јавно обвинителство објави како почнала целата операција.

Во април 2021 година, португалските даночни власти во Коимбра истражуваа компанија која продава мобилни телефони, таблети, слушалки и други електронски уреди, поради сомнеж за измама со ДДВ. Кога ЕППО ја започна својата работа во јуни 2021 година, согласно својата законска обврска, португалските власти го пријавија случајот до ЕППО.

Европските обвинители, аналитичарите за финансиски измами на ЕППО и претставниците на Европол и националните органи за спроведување на законот постепено воспоставија врски меѓу осомничената компанија во Португалија и околу 9.000 други правни субјекти и над 600 физички лица лоцирани во различни земји. Осумнаесет месеци по добивањето на првичниот извештај, ЕППО сега го откри она што се претпоставува дека е најголемата измама со ДДВ истражена досега во ЕУ, велат тие.

Криминални активности се случија во 22 земји-членки соработнички на ЕППО, како и во Унгарија, Ирска, Шведска и Полска, заедно со трети земји вклучувајќи ги Албанија, Кина, Маурициус, Србија, Сингапур, Швајцарија, Турција, Обединетите Арапски Емирати, Обединетото Кралство и САД.

Она што ја издвојува оваа измама е извонредната сложеност на синџирот компании. Од компании кои делуваат како навидум чисти добавувачи на електронски уреди до оние кои бараат поврат на ДДВ од националните даночни власти додека ги продаваат овие уреди преку Интернет на индивидуални клиенти – и последователно ги пренасочуваат приходите од таа продажба во странство, пред да исчезнат сами – па се до оние кои ги перат приходите од оваа криминална активност.

Овие активности не би биле можни без вклучување на неколку висококвалификувани организирани криминални групи, секоја со специфична улога во целокупниот план. Работејќи транснационално, со речиси индустриска логика, со години избегнувале откривање, соопшти Канцеларијата.

Според Европското обвинителство, вака функционирала измамничката шема:

Компанијата 1 би и продавала електронски производи на компанијата 2 преку граница, без обврска за плаќање данок. Компанијата 1 потоа би ја доставувала стоката во магацини, а компанијата 2 би ги продавала тие стоки преку Интернет.

Купувачите од ЕУ порачувале стоки преку Интернет, плаќале данок на нивните пратки и ја добивале нарачаната стока. Компанијата 2 потоа испраќала фактури до онлајн продавниците што ја продаваат стоката и од нив добивала пари, вклучително и средства за данок. Компанијата 2 потоа ги уплаќала парите на офшор сметки, а потоа згаснувала.

Без EППO, за подготовка на ваква операција би биле потребни години – или, уште поверојатно, никогаш немаше да се случи. „Операцијата Адмирал“ е јасна демонстрација на предностите на транснационалното обвинителство. Кога станува збор за даночна измама, од национална перспектива, штетите може да се проценат како релативно мали или непостоечки, па дури и да останат неоткриени. На EPPO му беа потребни помалку од 18 месеци од првичниот извештај за криминал до откривањето на целата мрежа на организирани криминални групи, одговорни за неверојатна загуба од 2,2 милијарди евра за даночните обврзници на ЕУ. Верувам дека ова е најголемата европска измама со ДДВ досега, изјави Лаура Ковеши, европската главна обвинителка.

Г.Т.

Извор: Civilmedia.mk