Дали после конзумирање одредени намирници почнуваат да ве стегаат панталоните? Се чини дека вашиот стомак расте како што поминува денот? Вие не сте единствени.

Абдоминалната надуеност се дефинира како појава на големи количини гас во цревата. Абдоменот може да биде тежок на допир, а може да се појават и грчеви.

Еве што може да ја предизвика оваа непријатна состојба и како можете да си помогнете.

1. Јадете брзо
Доколку истрчате од станот со банана во рака, а потоа набрзина изедете сендвич за ручек на вашето биро во канцеларијата, голема е веројатноста дека со оваа храна ќе проголтате многу воздух. И наместо да влезе во белите дробови, дел од тој воздух оди во желудникот, па во тенкото и дебелото црево, а потоа предизвикува надуеност. Затоа, најдобро би било да одвоите доволно време за да можете мирно да седнете и да го јадете секој оброк. Обидете се да го забавите и џвакате секој залак 20 до 40 пати.

2. Стрес
Ако сте под стрес или вознемирени, ова може да предизвика вашето тело да реагира и да доведе до промени во чувствителноста на цревата. Ова може да предизвика грчеви во мускулите на желудникот, цревата или дебелото црево, што доведува до стомачни грчеви, болка и непријатност. Симптомите треба да исчезнат кога нивото на стрес се намалува. Пробајте медитација, техники на дишење, но и билни чаеви кои можат да ви помогнат во тоа.

3. Премногу сол
На нашето тело му треба сол, но повеќето од нас претеруваат со тоа. Кога чувствувате дека стомакот ви е надуен или стегнат, ова е еден од најчестите краткорочни ефекти од неговото прекумерно внесување. Солта може да доведе до задржување на водата, а со тоа и надуеност. Треба да се има предвид дека солта се крие во разните секојдневни намирници, како лебот, но и во бисквитите, брзата храна, супите од кесичката и слично.

4. Газирани пијалоци
Овој вид на пијалок содржи јаглерод диоксид, а овој гас може да ви го надуе стомакот и да предизвика грчеви. Проблемот дополнително го влошуваат вештачките засладувачи, кои често ги има во диететските варијанти на ваквите пијалоци бидејќи на многу луѓе им е тешко да ги сварат. Обичната вода е најдобриот избор на пијалок, црните и зелените чаеви се добри за варење, додека чајот од нане може да помогне при надуеност. Ако не пиете само вода, слободно додадете парчиња лимон или лимета. Ова ќе го поттикне распаѓањето на храната и ќе го ублажи варењето.

5. Нетолеранција на лактоза
Можеби после чаша млеко или сладолед се чувствувате надуено? Најчестите симптоми на нетолеранција на лактоза се:

Грчеви во стомакот

Дијареа

Надуеност

Повраќање

Гадење

Некои луѓе го немаат ензимот потребен за разградување на лактозата, шеќер кој се наоѓа во кравјото млеко. Како резултат на тоа, лактозата ферментира во дебелото црево, произведувајќи големи количини на јаглерод диоксид и водород, што може да предизвика надуеност и грчеви во стомакот. Обидете се да ги исфрлите млечните производи од вашата исхрана најмалку една недела за да видите дали проблемот ќе исчезне.

6. Запек
Колку подолго столицата останува во цревата, толку повеќе гасови ќе има во нив и ќе се чувствувате надуени. Полека зголемувајте го внесот на влакна за столицата да добие волумен и полесно и побрзо да помине низ цревата. Јадете повеќе:

авокадо

мешунки

малина

пченка

брокула

спанаќ

јагоди

Имајте на ум дека не е добро да започнете пребрзо да консумирате премногу влакна бидејќи надуеноста може само да се влоши. Пиењето повеќе вода и редовното вежбање исто така може да ги подобри вашите црева.

7. Менструација
Многу жени доживуваат надуеност и грчеви непосредно пред и за време на менструалното крварење. Промените во нивото на прогестерон и естроген, освен крварење, предизвикуваат и зголемено задржување на вода и сол во телото, а како резултат на тоа, клетките на телото се полни со вода, што создава чувство на надуеност. Ова може да го избегнете со намалување на внесот на солена храна и рафинирани јаглехидрати (бело брашно и шеќер) и со давање предност на храна богата со калиум, како што се спанаќ, слатки компири, банани, авокадо и домати.

8. Фруктоза
Една мала студија на шпански научници покажа дека 72 отсто од луѓето со надуеност имаат некој вид на слаба апсорпција на шеќер. Најчестиот виновник е фруктозата – природен шеќер присутен во овошјето, медот и високо преработената храна. Фруктозата обично се апсорбира во тенкото црево, но кај луѓето со нетолеранција на фруктоза, дел од овој шеќер оди во дебелото црево каде што се јавува ферментација во контакт со бактерии. Потоа се формираат водород и гасови кои предизвикуваат болка, надуеност и дијареа. Елиминирајте ја храната богата со фруктоза, како што се газираните пијалоци, некои житарки и овошја (како сливи, круши, цреши, кајсии, јаболка и лубеници), сок од јаболка или круша, мед, сладолед, чоколадо и бисквити кои содржат засладувачи. Кога испитаниците во споменатата студија го направиле токму тоа, односно ја исфрлиле таа храна од исхраната, по само еден месец 81 отсто од нив изјавиле дека има подобрување и дека симптомите на надуеност се значително намалени.