Пред повеќе од две години, Агенцијата за филм, со соопштение „Како Милчо Манчевски извлекува милионски суми за проекти“ што ги повика институциите да ги истражат постапките и да се позанимаваат „со хонорарите на режисерот“, ставајќи ја на располагање на институциите целокупната документација, пишува Цивил.

Сепак, ниту Антикорупциска, ниту, пак, од Агенцијата за филм, не одговорија на прашањата на ЦИВИЛ Медиа, ниту за документацијата ниту, пак, зошто не е спроведена никаква постапка досега.

Имајќи предвид дека работните обврски постојано го носат од едно до друго место, поради двете постојани адреси – Скопје и Њујорк, Милчо Манчевски често објаснува дека има „две доми“. Во Њујорк живее над 30 години, во САД и студирал, ама во Скопје израснал. Њујорк не е само негов дом, туку и седиште на компанијата „Милкман Продакшн“ која е во негова сопственост.

Според документите кои ги поседува ЦИВИЛ Медиа, оваа компанија е основана на 20.12.1996 година, а согласно договорот кој е склучен со „Банана филм“ ДООЕЛ, треба да го менаџира проектот за филмот „Врба“.

За овој филм конкретно, од Буџетот на проектот за режисерот (Милчо Манчевски) се издвоени 10.080.174 денари / 163.905 евра, а неговиот личен асистент и консултантот по историја чинат вкупно 516.850 денари / 8.404 евра.

За развој на сценариото Манчевски е платен 3.843.750 / околу 62.000 евра, а вкупниот развој на филмот чини 13.501.434 денари / 219.535 евра.

Сепак и покрај овие суми планирани во буџетот за филмот „Врба“, преку компанијата „Банана филм“ ДООЕЛ, на два пати се исплатени суми од 48,272,30 и 41,308 долари, или вкупно 85.000 евра, што според заедничкиот договор се префрлени за развој на филмот кој својата премиера ја доживеа во октомври 2019 година, а сумите се исплаќани на 24.09.2018 година и 17.05.2019 година, од каде не се гледа што точно развивал Манчевски.

И од „Банана продукција“ нема одговор во оваа фаза што точно режисерот развивал во Њујорк.

Воедно, филмскиот проект со работен наслов „Како бебе“ или „Мајки“ на режисерот Милчо Манчевски, а во продукција на „Банана филм“ од Скопје , според документацијата која ја поседува ЦИВИЛ Медиа, не е финансиски затворен кон Агенцијата за филм.

Филмски фонд кој во неколку наврати со дописи до Манчевски бара да ги исполни своите обврски согласно Договорот, за што подоцна е склучен и Договор со ревизорска куќа за ревизија на проектот. Ревизијата не е спроведена.

Тогашната Влада на Никола Груевски „изразила поддршка за филмскиот проект“ со дополнителни средства, пред воопшто и да се донесе официјална одлука за финансирање на филмскиот проект од страна на Филмскиот фонд.

Владата на 88 седница одржана на 28.07.2009 година донесува заклучок со кој се задолжува Министерството за култура средствата во износ од 24.800.000 денари / 403.252 евра да ги предвиди во буџетскиот циркулар за 2010 година, а Одлуката за финансирање по Конкурс е донесена на 11.08.2009 година, додека, пак, Договорот за финансирање е склучен на 31.07.2009 година со Филмскиот фонд, што значи пред донесување на Одлуката на УО на Филмскиот фонд.

„Мајки“ од Филмскиот фонд добива 55.800.000 денари/ 907.317 евра.

Исто така, и средствата се исплатени пред донесување на Одлуката (не е запазена соодветно законската процедура, а произлегува од притисоците кои вообичаено ги врши продуцентот).

9.000.000 денари уплатени на 05.08.2009 година
9.000.000 денари на 08.08.2009 година
5.000.000 денари на 11.08.2009 година на денот кога е донесена Одлуката

Согласно извештајот на Филмскиот фонд изготвен на 16.04.2013 година, во својот наративен извештај продуцентот истакнува дека за промоција на филмот воопшто не добил средства и дека самиот ги обезбедил, што не кореспондира со фактичката состојба и документите.

Имено, спротивно на обврските од Договорот, продуцентот во неколку наврати префрлил средства за промоција кои ги нотирал во финансискиот извештај и се во висина од 125.000 евра на американската Quantum Comunications, средства кои не биле предвидени и одобрени во буџетот за финансирање на проектот.

Во извештајот од Филмски Фонд од 16.03.2013 година, констатирана е нејасна исплата од 12.000 долари. Поточно, продуцентот, со средства наменети за продукција на филмот, исплатил членарина за прикажување на филмот на филмски фестивал во 2010 во Торонто.

Премногу нејаснотии, а премногу пари на граѓаните се придружници на овие филмски проекти. И премногу молк од институциите, пишува Цивил.