„Верувам дека отворањето на земјите ќе овозможи побрзо пренесување на производите, запознавање на менталитетот, вкусовите, музиката, сликарството, театрите, литературата, спортот. Балканските земји набрзо ќе се соочат со недостиг на работници, ние ќе мора да се поврземе едни со други, за да опстанеме“ рече Златко Ориѓански директор на Културно-информативен центар на Северна Македонија во Тирана во интервју за „Фронтлајн“.

Тој додаде дека секое отворање едни спрема други носи добро за луѓето во секоја смисла, вклучително и во културна.

„На тој начин се запознаваме, гледаме дека ние, сами по себе, ја содржиме Европа и нејзините вредности, патем, даваме и една боја која е непозната и нова. Пред десет години, беше незамисливо дека дел од балканските граници ќе ги поминуваме со лични карти или дека ќе имаме заедничко гранично управување“ рече Ориѓански.

Како што изјави во интервјуто за „Фронтлајн“, луѓето во Албанија се желни да се направи нешто добро и убаво, има во нив голем оптимизам.

„Албанија е неверојатно интересна, жива земја со прекрасни и медитерански питоми луѓе. Овде нема предрасуди во однос на етничката или религиската припадност. Чувствувам голема добронамерност од сите страни, секоја нивна институција е отворена за соработка, отворена да ми помогне. Градоначалникот на Тирана, господинот Ерион Велиај и министерката за култура, Елва Маргарити, припаѓаат на една нова и модерна генерација албански политичари, кај нив секогаш вратите ми се отворени“ рече Ориѓански.