Производителите на вакцини се уверени дека ќе можат брзо да ги приспособат своите вакцини доколку се прошири варијантата наречена омикрон.

Новиот вид – порано познат како B.1.1.529 – се карактеризира со некои мутации кои сугерираат дека носи зголемен ризик од повторна инфекција.

Исто така, постојат стравувања дека оваа варијанта би можела да биде поотпорна на вакцините кои сега се широко распространети низ светот.

„Pfizer“ и „BionTek“ очекуваат „дека ќе можат да развијат и произведат приспособена вакцина против таа варијанта за приближно 100 дена“.

„Модерна“ објави дека ја подобрила „сеопфатната стратегија за предвидување нови загрижувачки варијанти“ од почетокот на 2021 година – вклучувајќи три нивоа на одговор доколку ослабне имунитетот што го нуди нивната вакцина.

„Новавакс објави дека веќе започна да создава вакцина против ковид 19 врз основа на познатата генетска секвенца Б.1.1.529“ и дека ќе биде подготвена да започне со тестирање и производство во следните неколку недели.

Новиот вид првпат беше откриен во Јужна Африка, а голем број земји, вклучувајќи ги Велика Британија, Австралија и САД, го ограничуваат патувањето од неколку јужноафрикански земји. Еден од водечките епидемиолози во Јужна Африка, Салим Абдул Карим, изјави за Скај њуз дека е за очекување дека нов вид на ковид е веќе присутен во европските земји, вклучително и Велика Британија.

Првиот случај на нов вид откриен во Јужна Африка е потврден во Белгија. Ова е прв потврден случај на нов вирус во Европа, соопштија белгиските здравствени власти. Светската здравствена организација во петокот го означи B.1.1.529 како „загрижувачка варијанта“, што значи дека сега официјално го носи името омикрон, по буквата од грчката азбука.