Еден од условите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со кој сака да го оправда гласањето за уставните измени и за кој наводно има разидување со премиерот Димитар Ковачевски е – од кога да важат уставните измени и да се искористат дупките во заклучоците за Македонија за да се смени временската рамка што веќе е усвоена.
На што се заснова оптимизмот на Мицкоски дека е можно Бугарија да се согласи на тоа, не сакаше да каже на прес-конференцијата по средбата со премиерот, ниту дали имал контакти со Бојко Борисов (двете партии се дел од ЕПП), па тој му дал надеж дека Бугарија нема да го сфати тоа како изигрување на условот, бидејќи за другите земји-членки на ЕУ тоа нема никаква важност.

Вчера во телевизиско интервју Мицкоски за ова барање се повика на заклучоците на ЕУ за започнување на преговорите читајќи ги на македонски начин, во смисла дека во нив јасно стои дека треба да бидат усвоени приоритетно, но не стои буквално дека треба и да се применуваат и од кога.

Условот на Мицкоски е дека ќе ги прифати уставните измени само ако тие почнат да се применуваат по ратификацијата на договорот за пристапување на Македонија во членство, нешто што за премиерот Ковачевски значи прекршување на Преговарачката рамка, поради што му понуди компромис – примената да се одложи до денот на одржувањето на втората меѓувладина конференција со ЕУ.

Според толкувањето на Мицкоски, заклучоците на ЕУ не кажуваат точно кога да почнат да се применуваат уставните одредби, туку само нѐ обврзуваат да ги донесеме (и тоа ургентно), па вака може да се спречи Македонија повторно да направи отстапка, а од другата страна да не добие ништо.

Иако звучи многу убаво, ова звучи многу нереално, при што Мицкоски се обврза јавно дека ќе најде лидери во ЕУ кои ќе го отворат ова прашање во Брисел, но не даде гаранции дека ќе успее и да го спроведе. Инаку, во заклучоците на ЕУ, на кои се повикува Мицкоски стои:

„Советот ја поздравува намерата на Северна Македонија да започне и приоритетно да ги постигне релевантните уставни измени, со цел во уставната преамбула да се вклучат граѓани кои живеат во границите на државата и кои се дел од други народи, како Бугарите“.

„Советот, исто така, одлучува да свика уште една меѓувладина конференција со која ќе се отворат преговорите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ и е подготвен да ја одржи без понатамошно одложување или дополнителна политичка одлука, штом Северна Македонија ќе ја спроведе својата заложба за завршување на горенаведените уставни измени, во согласност со нејзините внатрешни процедури“.

Практично Мицкоски со барање дупки во суштината на уставните промени реагира на ист начин како Никола Груевски во 2008-та година, кој бараше откако Грција ќе го крене ветото во НАТО и Македонија ќе стане членка под БЈРМ, кај нас да се организира референдум дали тоа ни е прифатливо или не. Како заврши таа политичка егзибиција на сите ни е познато. Бидејќи, колку што нам ни се потребни аргументи да го свариме договорот со Бугарија, толку им требаат и на тие во Софија, кои притоа не се во позиција да нѐ молат – туку да нѐ условуваат.
Како и да е, на Мицкоски треба да му се даде шанса до гласањето на уставните измени да проба и да ги покаже силните пријатели на ВМРО-ДПМНЕ, со кои не успеја да спречи ни резолуција на ЕП на штета на Македонија. (Н.В.)

извор Независен.мк