Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска, денеска се обрати на одбележувањето на 10 март, Светскиот ден на бубрегот кој се одбележува под мотото: „Да се надминат непознавањата за да се зачува функцијата на бубрезите“.

Според Ѓоргиевска, со оглед на фактот дека еден од десет луѓе на светско ниво боледува од хронична бубрежна болест, клучно е спроведувањето на кампања и активности за зголемување на свесноста за оваа болест.

„Убедена сум дека можеме да влијаеме во борбата со бубрежните болести и да придонесеме за зголемување на грижата за здравјето на бубрезите кај нашата популација. Со тоа сите ќе придонесеме за подобрување на неповолната прогноза дека до 2040, бубрежните болести ќе бидат 5-ти најголем причинител за смртност во светот. Затоа ќе повторам дека особено е значајно да не се штедат средства, ресурси, за да се намали негативната статистика поврзана со бубрежните заболувања“, рече Ѓоргиевска.

Според неа, колку порано се соочиме со бубрежните заболувања, толку ќе биде помала потребата од хоспитализации, интервенции, дијализа и трансплантации.

„Имајќи ја предвид долгата и тешка за сите нас, а особено истоштувачка по нашето здравство, пандемија со Ковид-19, свесни сме дека проблематиката со бубрежните заболувања, слично како и со многу други болести, дополнително се усложнува. Убедена сум дека со секогаш максималниот ангажман и професионализам на моите колеги нефролози, како и на останатите специјалисти, ситуацијата од ден на ден ќе се подобрува. Секако, и грижата и вниманието на нашите граѓани е потребна, затоа што секогаш е најдобро да се превенира и да се интервенира во почетната фаза“, рече Ѓоргиевска.

Светскиот ден на бубрегот се одбележува секоја година во вториот четврток од месец март во повеќе од 200 земји ширум светот. Целта на одбележувањето на овој ден е да се подигне свесноста кај граѓаните за важноста на бубрежните заболувања, нивната застапеност, можноста за превенција и навремено откривање, начините на лекување и соодветен третман на бубрежно болните лица да се достапни секаде и за секого.