Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на меѓународната научна конференција ,,Македонска книжевна архива: од ракопис до дигитална култура”, којашто се одржа во „Куршумли-ан“ во организација на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

„Делото на Конески и на останатите основоположници на современиот македонски литературен јазик, за жал, често е мета на оркестрирани напади и ирационални негирања. Станува збор за атак врз нашиот јазичен и културен идентитет пред кој ние не можеме и не смееме да останеме неми набљудувачи. Фактите и научната верификација на меѓународно ниво одат во наш прилог не оставајќи простор за импровизации и политички интерпретации“ порача претседателот Пендаровски во обраќањето.