Заштитата што вакцината ја дава од инфекција, дури и од потенцијално тешки форми на „Ковид 19“, најверојатно ќе ослабне со текот на времето, а кампањите за вакцинација ќе продолжат и во наредните години, велат научниците од советодавната група на британската влада.

„Многу е веројатно дека со текот на времето, имунитетот на САРС-КоВ2 предизвикан од вакцината ќе ослабне, дури и за потенцијално тешка форма на болеста (но веројатно во помала мера)“, се заклучоците од документот што ги разгледува SAGE, советодавна група за итни случаи.

„Затоа, веројатно е дека кампањите за вакцинација против САРС-КоВ-2 ќе продолжат во наредните години, но сега не знаеме која фреквенција на ревакцинација ќе биде оптимална за заштита на оние кои се изложени на ризик од ковид-19“, велат научниците.

Документ наречен “Колку долго вакцините ќе штитат од вирусот?” составен од еминентни вирусолози и епидемиолози од неколку институции: Империјален колеџ во Лондон, Универзитетот во Бирмингем и Институтот за јавно здравје на Англија.

Британија одобри и користи вакцини од три производители: Астразенеа, модерна и Фајзер.

Вистинските податоци покажуваат дека вакцините штитат 95 проценти или повеќе од алфа варијантата што доминираше во Британија во почетокот на 2021 година, велат научниците, но способноста на вакцината да заштити од инфекција и пренос на други е помала.

Во одделен извештај за британската влада на 22 јули, научниците велат дека постои „реална можност“ да се појават нови видови кои би можеле да предизвикаат посериозни болести или да го ослабнат ефектот на вакцините што се сега достапни.

Појавата на овие нови видови на вирус може да доведе до посилна контрола и затворање со негативни последици за економијата.