Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини учествуваше на регионалниот состанок на министрите од Западен Балкан и Турција задолжени за животна средина, енергетика и климатски промени, што вчера попладне се одржа во Виена.

Министерскиот состанок е на покана на австриската федерална министерка за климатска акција, животна средина, енергија, мобилност, иновации и технологија, Леонор Гевеслер (Leonore Gewessler) и имаше за цел размена на искуства, знаења и идни потребни чекори и предизвиците на државите од регионот за праведна транзиција и постигнување на енергетските и климатските цели за декарбонизација и останати регионалнии обврски кои произлегуваат од патоказот за декарбонизација и зелената агенда за Западниот Балкан.

Во својот настап, министерот Нуредини информираше за активностите што Министерството за животна средина и просторно планирање и Владата на Република Северна Македонија ги преземаат во насока на исполнување на националните и регионалните климатски цели, како и предизвиците со кои се соочуваат при реализација на истите.

Заеднички беше констатирано дека регионалната соработка останува клучна алатка во генерирање на заеднички одговор на патот кон јаглеродно-неутрална Европа.