„Како министерство за земјоделство изготвивме план за како на среден рок да ги зголемиме приносите на пченица со низа мерки за поддршка. Доколку го зголемиме производството за 500 килограми по хектар, тоа се 30 илјади тони годишно и целта ни е на долг рок да станеме увозно независни“ рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски во „Топ тема“ на Телма.

Тој кажа дека производството од 195 илјади тони во 2017 година порасна на 253 илјади тони пченица минатата година, со што значително се намалува увозот.

„Проценките на коморите се дека е потребен увоз на околу 50 илјади тони пченица до жетвата за два месеца. Очекуваме производството да биде околу 255 илјади тони, а потребите се околу 300 илјади, со што повторно се намалува делот што го увезуваме“ рече Николовски.

Министерот кажа дека намалување на увозот и раст на производството има и кај јачменот. Пред четири години сме произведувале околу 100 илјади тони јачмен, додека лани сме произвеле 164 илјади тони.