„На моја иницијатива, заедно со Министерството за надворешни работи имавме средба со сите дипломатско-конзуларни претставништва. Разговараме за саеми, како да најдеме вештачко ѓубриво и како да најдеме пласман за пренасочување на производите што одеа за Украина и Русија“ рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски во „Топ тема“ на Телма.

Тој додаде дека се прават и средби и со министри од земјите од Европа и регионот и се следат количините на трогвците.

Министерот Николовски изјави дека со Интервентниот фонд за помош на земјоделците, од четири милиони евра, два милиона се за вештачко ѓубриво за прихрана на засеаното во сезоната 2021-2022 година.

„Земјоделците треба да знаат дека со сметките за вештачко ѓубриво до 30 април, во мај ќе може да ги поднесат документите, а во јуни да ги добијат средствата. Покриваме 25 отсто од трошоците“ рече Николовски.

Министерот додаде дека освен со тоа, земјоделците се помогнати и со многу други мерки, вклучително и зелената нафта.