Државната администрација е многу важна за функционирањето на целокупниот јавен сектор и стопанството, рече пратеничката на СДСМ, Фаница Николовска во гостувањето во „Детектор“.

-Реформата на јавната администрација не случајно е во првиот кластер од преговорите за членство во Унијата. Мора да работиме посветено на ова прашање, не само заради ЕУ туку заради граѓаните. Реформата на администрацијата е долг процес, не може да се реши од денеска за утре, рече Николовска.

Зборувајќи за законите од оваа област таа рече дека во овој процес мора да се вклучат сите чинители, меѓу кои и опозицијата.

-Мора сите да смогнеме сили да се вклучиме во тој процес. Во извештајот на ЕУ како таргет се ставени законите за администрацијата. Дел од тие закони, како оној за организација на органите на државната управа е во завршна фаза, кажа Николовска, додавајќи дека кога се зборува за ефикасноста на администрацијата треба да се знае дека се сложени управните постапки и затоа фокус треба да се стави на дигитализацијата.