Граѓанскиот суд – Скопје денеска го усвои тужбеното барање за клевета на премиерот Зоран Заев против потпретседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски. Судијаката Сузана Димитриев, при читање на пресудата истакна дека се утврдува граѓанска одговорност на тужениот Александар Николовски од Охрид за клевета, затоа што на ден 20 август 2019 година во изјава дадена за ТВ Алфа во видео со наслов случај „Рекет – каде завршија милионите од Луј Витон чантата“, има изнесено невистинити факти штетни за честа и угледот на тужителот.

Николоски во изјавата тврдеше дека Заев стои зад операцијата „Рекет“ и дека „вкупната сума на побарани, изрекетирани средства надминува 20 милиони евра“.

Во пресудата се вели дека се задолжува тужениот Александар Николоски од Охрид ја објави изреката на пресудата на негов трошок „на простор не помал од една осмина од страница од првата до петтата страна од печатено средство за јавно информирање – дневен весник во рок од 15 дена од правосилноста на пресудата, а под страв на присилно извршување“.