Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, се јави на социјалните мрежи со порака за поддршка на актуелниот градоначалник Петре Шилегов.

Димитров пишува дека се мислел дали да се заложи за кандидат на локалните избори, бидејќи не е партиски човек, но чувствувал обврска кон граѓаните на Скопје да го соопшти мојот став.

„Со гласачите од ИЕ 1 имаме заемна доверба од парламентарните избори. Секогаш сум бил и ќе бидам гласот на граѓаните. Немам политичка, ниту етичка обврска да давам бланко поддршка водејќи се од буквите на партијата, по логика што мене не ми е блиска: ако се моите, добри се без разлика на сè – ако се другите, лоши се без разлика на сè”, започнува во својата објава на социјалната мрежа Фејсбук Димитров.

Димитров е роден во Скопје и пораснал во Центар, а голем дел од детството го поминал и кај неговата баба во Карпош.

„Си го сакам Скопје, иако кога можам го заобиколувам плоштадот што искрено преку Скопје 2014 го направија прослава на кичот. Го сакам Скопје со сите негови маани. Можеби сум пристрасен, бидејќи речиси нема улица и сокаче каде немам сеќавања, ама градот ни има голема душа. И токму затоа, како граѓанин, решив да си кажам што мислам за изборот за градоначалник на мојот град“, додава Димитров.

Со ова писание, вели Димитров, сакам да му дадам искрена и сесрдна поддршка на Петре Шилегов. Ќе гласам за него во недела, со чиста совест.

„Дали Петре направи многу за Скопје во првиот мандат? Апсолутно. Дали е идеален градоначалник? Не верувам. Дали е неспоредливо подобар од другата кандидатка? Немам никакви дилеми. За нашиот избор пак во поширока смисла, што се однесува на стратешкиот правец на татковината, ситуацијата ни е тешка. Опозицијата ниту помага, ниту реално се трка во истиот правец – силна и европска демократија, слобода и правда за сите, членка на НАТО и заслужена, иако сè уште неостварена одлука на ЕУ за почеток на пристапните преговори“, пишува Димитров во својата објава.

Од друга страна, на Димитров му е сосема јасно дека за многумина тоа не е доволно.

„Јасно ми е дека поминаа речиси пет години. Режимот тешко да се памети. Лекцијата од првиот круг локални избори е дека мора да се работи поинаку, далеку подобро и поискрено. Парадоксално можеби, но или ќе се разбере таа лекција вистински и ќе се вози директно нагоре или ќе се стркала колата повторно надолу. Од резултатите на таа лекција навистина ќе зависи многу… или сè“, завршува Димитров, посакувајќи му среќа во недела на изборите на Петре Шилегов.