Откриени се некои од најстрого чуваните тајни на меѓународниот банкарски систем.

Еден од најголемите скандали во банкарскиот сектор се одвива во моментов. Како што покажуваат документите кои протекле, најголемите светски банки им дозволиле на криминалци да префрлаат валкани пари.

Станува збор, како што покажуваат првите податоци, за билиони долари. Тоа не е најлошо, бидејќи, како што изгледа, владите на многу држави пред тој процес ги затворале очите.

Банкарските документи кои се појавиле, покажуваат дека најголемите светски финансиски институции префрлиле повеќе од 2 билиони долари валкани пари за мафијаши, нарко-картели и за понзи шеми.

Според многуте интересни документи, некои од најголемите светски финансиски институции им дозволиле на криминалци да перат пари и од тоа профитирале. Документите се познати како “Извештаи за сомнителни активности (SAR), кои им се праќаат на властите кога вработените во банките ќе забележат сомнителни доларски трансакции, како големи жиро-трансфери од компании без претходни врски”.

Еднаш кога ваквите документи ќе се пратат, обично се доволни да се отвори истрага, меѓутоа, регулаторите ги игнорирале, а банките продолжиле да ги префрлаат недозволените пари, дури и по праќањето на извештајот.

Самите извештаи се чуваат во тајност и не може да се добијат ни на основа на барање на Законот за слобода на информирање. Дури и откако ги набавил, “Buzzfeed” рекол дека нема да ги објави, бидејќи некои содржат имиња на невини луѓе и компании кои не се под истрага.

Единствено што засега се знае е дека сомнителните трансакции се вршени од 1999-та до 2017-та година. Некои од банкарските гиганти се “HSBC”, “JP Morgan Chase”, “Bank of America”, “City Bank”, “American Express”. Се споменува дека ваквиот скандал може да влијае на националната безбедност.

Дополнително, документите покажуваат дека руски олигарси ги користеле банките за да избегнат санкции, кои требало да ги спречат да префрлаат пари на Запад.

Тоа е последно во низата протекувања во последните пет години, при што се откриени тајни бизниси, перење на пари и финансиски криминал.

Таканаречените “FinCEN” фајлови сочинуваат повеќе од 2.500 документи, од кои повеќето сочинуваат фајлови кои банките им ги праќале на американските власти во периодот меѓу 2000-та и 2017-та година.

Во документите се наоѓаат некои од најстрого чуваните тајни на меѓународниот банкарски систем.

Акциите на банките веднаш паднале. Така, акциите на HSBC паднале во Лондон за 3,6 проценти, на најниско ниво од азиската валутна криза во 1998-ма година, а од почетокот на годината нивната вредност речиси се преполовила. Банката “Standard Chartered” исто така паднала за 3,6 проценти, спуштајќи се на најниско ниво во последните 22 години, соборувајќи го индексот на европските банки “STOKS” за 4 проценти.