При официјалната посета на Лондон, министерката за одбрана Славјанка Петровска на официјалната церемонија за пречек беше отпоздравена на македонски јазик, а британскиот воен оркестар ја свиреше и македонската песна „Јовано, Јованке“.

Со тоа уште еднаш се потврдува дека членството во НАТО освен сојузништвото со најмоќните светски држави, донесе и гаранти за македонската државност и заштита на македонскиот идентитет.

„Чест ми е што денеска се реализираше мојата прва официјална посета на Обединетото Кралство и средбата со британскиот државен секретар за одбрана Бен Валас. Од Лондон ја испраќаме пораката дека остро ја осудуваме инвазијата врз Украина. Но, истовремено испраќаме и порака на обединетост на сојузниците и подготвеност да ја гарантираме безбедноста на државите – членки на НАТО Алијансата. Северна Македонија и Обединетото Кралство се сојузници со извонредна соработка во одбраната која денеска со колегата Валас ја потврдивме и ја зајакнуваме“ рече Петровска.

Министерката во Лондон се сретна и со специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, сер Стјуард Пич, а учествуваше и на тркалезна маса посветена на современите безбедносни предизвици и нивното влијание врз Западниот Балкан, организирана од кралскиот институт РУСИ (The Royal United Services Institute). Петровска се сретна и со Алисиа Херберт, специјална пратеничка на министерката за надворешни работи и министерка за жени и еднаквост во британската влада, Лиз Трас, а во британскиот Парламент имаше и работна вечера со Мартин Викерс, член на Парламентот и претседавач на сепартиската парламентарна група за Северна Македонија.