Забележан е напредок во областа развој и координација на политики на Владата, а како најзначителен напредок се издвојува подобрената отчетност и транспарентност на Владата, покажува Националниот монитор за реформи во јавната администрација 2019/2020 објавен од Институтот за европска политика – ЕПИ.

Подобрувањето во развојот и координацијата на политиките се должи на плановите за работа на Владата и извештаите за спроведување на плановите, нешто што претходно не било пракса. Како позитивен аспект се истакнува фактот што овие извештаи се објавуваат редовно и на разбирлив и небирократски јазик за да бидат подостапни за граѓаните.

Извештајот на ЕПИ уште еднаш ја потврдува заложбата на Владата за поголема отчетност и транспарентност, при што се истакнува новиот Закон за слободен пристап до информации. Според анкетираните граѓански организации, овој закон дава резулати и информациите кои ги барале ги добиле во предвидениот рок, бесплатно и во баранио формат.

Исто така се истакнува и фактот што сите институции на своите веб страници ги објавуваат документите, законите и прописите.

Северна Македонија забележува напредок и има најдобра оценка во регионот и за управувањето со јавните финансии, при што анализирани биле клучните буџетски документи, како и достапноста на информации за јавната внатрешна финансиска контрола и собранискиот надзор. Како позитивен пример се истакнува граѓанскиот буџет, кој нуди преглед преку интерактивен интерфејс лесно разбирлив за граѓаните.