Во неколку кинески градови, голем број полицајци се распоредени за да се спречи обновување на протестите што ја зафатија земјата во последните денови поради политиката за нула коронавирус и ограничувањата на слободата.

На улиците на главниот град Пекинг и другите големи градови, како Шангај, Гуангжу и Хангжу, од вчера е засилен полицискиот контингент.

Безбедносните сили сè повеќе ги запираат случајните минувачи и ги проверуваат нивните телефони за сомнителна содржина или софтвер, вклучително и VPN што може да се користат за заобиколување на цензурата на интернет. Во Пекинг, полицијата беше особено фокусирана на обезбедувањето на шеталиштето на реката Лиангма во близина на дипломатскиот кварт, каде стотици луѓе протестираа во неделата навечер.

Во меѓувреме, во финансискиот центар на Шангај, беа подигнати бариери долж патот Вулумукви (Вулумуки) за да се спречи да се соберат големи толпи, како што се случи во текот на викендот.

Неодамнешните протести, мошне невообичаени во земјата со повеќе од 1,4 милијарди луѓе управувана од комунистите, беа поттикнати од гневот поради смртоносниот пожар во станбена зграда во главниот град на провинцијата Ксинџијанг, Урумукки, во кој минатата недела загинаа 10 луѓе. Неколку жители објавија на социјалните мрежи дека ограничувањата на коронавирусот ги попречуваат напорите за спасување.

Градските власти ги отфрлија ваквите наводи. Големи делови од регионот Ксинџијанг и неговиот главен град беа ставени во карантин повеќе од сто дена.

Кина моментално бележи најголем број случаи на Ковид-19 од почетокот на пандемијата. Утринава, Здравствената комисија во Пекинг објави 38.400 нови случаи, што е малку помалку од рекордот од повеќе од 40.000 поставени претходниот ден.

Во моментов има големи ограничувања за движење во неколку кинески градови со повеќе од еден милион жители, како што се Пекинг, тешко погодениот јужен кинески град Гуангжу и Чонгкинг.