За време на последниот попис на населението на Бугарија во септември минатата година како Македонци се изјасниле 1.143 лица. Тоа денеска го соопшти Националниот статистички институт на Бугарија соопштувајќи ги податоците за етничката припадност на населението според одговорите на попишаните, пишува Независен.мк.

Со датумот 7 септември 2021 за Бугари се изјасниле 5.118.494 лица или 84,6 отсто од оние што одговориле на прашањето за етничката припадност. Втора по големина етничка група се Турците – како такви се определиле 508.378 лица, или 8,4% о од оние што одговориле.

Трета група се Ромите – 266.720 лица се изјасниле како такви, или 4,4%.

Бројот на Македонците влегува во рамките на другите помали етнички групи, кои според оние што се изјасниле за припадност на пописот се 79.006 лица, или 1.3 отсто од населението. Во таа група спаѓаат и оние што се декларирале како Помаци (15 илјади лица) и бугаро-мухамеданци (10.800 души).

Македонците и другите помали етнички групи ги нема во пописните резултати. Но на новинарско прашање на прес-конференцијата кои се другите етнички групи, сосема на крајот беа спомнати Македонци и тоа дека такво „чувство“ изразиле 1.143 лица.

Некои од попишаните не можеле да се определат, објави статистичкото биро, и нивниот број изнесува 15.746 лица. Не сакале да одговорат 63.767 лица.

Бугарскиот јазик го означиле како мајчин јазик 5.037.607 лица, или 85,3 отсто од населението.