Во организација на Министерството за труд и социјална политика, а со поддршка на УН Вомен, денеска се оддржа конференцијата „Жени во политика-Говор на омраза, сенка која обесхрабрува“, која воедно е и најава за караванот „Гласна и Храбра“ кој од денеска започнува и има за цел зајакнување на жените.
Конференцијата ја отвори и модерираше Амбасадорот против говор на омраза за Западен Балкан, Огнен Јанески. Во воведниот дел беше прикажано и видео со клучни пораки против говорот на омраза од жени од различни политички партии, жени во политиката.
„Коментарите кои ги исмејуваат, навредуваат, омаловажуваат и деградираат жените, најчесто политичарките, прикажувајќи ги како сексуален објект, не го повредува само достоинството и психичкиот мир на жените, тоа всадува страв, поттикнува нетрпеливост и ги демотивира младите жени да се вклучат во политиката,“истакна министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска. Таа посочи дека, најексплицитен одговор на ваквите закани е ратификацијата на Истанбулската Конвенција.
Министерката упати порака и лично искуство до сите жени од општествениот живот: „Секоја жена, вклучувајќи се и себеси може да биде жртва на говор на омраза, но тоа не смее да не поколеба во нашата животна определба преку политиката да градиме поквалитетен живот за сите граѓани. Исто така ќе споделам со вас мој личен заклучок дека секогаш кога поддржувам прогресивна идеа, реформски политики толку повеќе говорот на омраза е посуров и атакот врз мене бил посилен. Тоа мене не ме обесхрабрило туку напротив ми било потврда дека сум на вистинскиот пат. Но, некои жени говорот на омраза ги демотивира, а за некои е ветер во грб,“ порача Тренчевска.
Министерството за труд и социјална политика како надлежно министерство континуирано работи на креирање на политики, стратегии и закони кои директно се насочени кон унапредувањето на родовата еднаквост. Во овој контекст, Стратегијата за родова еднаквост 2022– 2027 е основен стратешки документ чија визија е постигнување родова еднаквост во општество како услов за целокупен и одржлив економски, социјален развој и напредок на земјата.
Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, Законот за спречување и заштита од дискриминација, Законот за обештетување на жртвите од насилство, Кривичниот законик се правната рамка која превенира, заштитува и санкционира било каков облик на насилство врз жените вклучително и говорот на омраза.
„Кога жените и девојките се активни членови на инклузивно општество, тогаш придобивки има целото општество. Кога никој не е оставен зад себе, целото општество напредува. Тоа е толку едноставно. Клучен чекор во постигнувањето е да се осигураме дека жените секогаш се дел од процесите на донесување одлуки и дека секогаш се чувствуваат безбедно и заштитено“, вели Росана Дуџиак, постојан координатор на ОН во Северна Македонија. „Жените во политиката имаат неизмерно моќен капацитет да влијаат на целото општество и сигурен сум дека штом ќе почнеме да гледаме вистинска родова еднаквост на политичката сцена во оваа земја, таа наскоро ќе се прошири во сите други сектори, во сите ниши од нашите животи. “
„Во Собранието на Северна Македонија, има 51 пратеничка од вкупно 120, а во локалната власт вклученоста на жените е 36 отсто. Во Германија, имаме помало учество на жените во политиката. Ова се подобри бројки, поради родовата квота воведена во Изборниот законик. Сепак, тажната реалност е дека само неколку жени стигнуваат до врвот, бидејќи се обесхрабрени да ја продолжат својата кариера во политиката“, рече амбасадорот Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Тој посочи дека учеството на жените во политиката и воопшто во општествениот живот придонесува за подобар квалитет на животот и поуспешно општество.
„Оваа земја никогаш немала претседателка или премиерка. Ајде да го промениме ова!“, рече амбасадорот Вал.
Исмаил Камбери, претседател на Комисијата за спречување истакна дека во моментот Комисијата нема многу претставки за заштита од дискриминација од страна на жени во политиката, но ги охрабрува сите во било кој момент да достават претставки.
„Комисијата активно работи и има склучено меморандуми за соработка во однос на говорот на омраза и вознемирувачкиот говор во традиционалните медиуми со релевантните чинители и институциите за контрола. Дополнително , Комисијата секоја година спроведува превентивни активности за превенција на вознемирувачки говор“, рече Камбери.