Премиерот Димитар Ковачевски денеска ја посети Универзитетската Клиника за кардиохирургија каде започнаа да се извршуваат хируршки интервенции во хибридна операциона сала, што беше оценето како голем исчекор во следењето на медицинските трендови и медицината базирана на докази.

Премиерот во рамки на посетата кажа дека пациентите заслужуваат најдобар, најсовремен, болнички третман, навремено лекување и рана дијагностика. Кажа дека станува збор за најсовремена опрема, техника каде што се работи со најсовремени методи и благодарение на тоа пациентите ќе добијат и услуга каква што се добива во западно европските држави.

„Јас утрово, го посетив пациентот на кој вчера му беа извршени интервенции, во хибридната сала и тој се чувствува добро, набрзо ќе замине дома и многу брзо ќе се врати на неговото секојдневие. Хибридната операциона сала овозможува хирургија со малку компликации, брз опоравок, кратка рехабилитација, таканаречена минимално инвазивна хирургија. Ваквите процедури, покрај медицинската оправданост секогаш се преферираат од страна на пациентот. На тој начин тој побрзо се враќа на секојдневниот живот и во истовреме клиниката троши помалку средства во неговата рехабилитација“, рече премиерот.

Им посака многу успех на докторите во користењето на новата сала.