Министерството за здравство информира дека утрово на УК за Неврохирургија, се воведе нова метода во лекување на пациенти со мозочно крварење. Операцијата е извршена со новиот иновативен уред-дволуменски систем кој истовремено овозможува следење на интракранијалниот притисок, испирање на коморниот систем на мозокот и дренажа на цереброспиналната течност.

Овој систем веќе континуирано се употребува во секојдневната клиничка пракса во неколку земји во светот како САД, Германија, Португалија и Холандија. Од денеска овој иновативен уред се става во континуирана употреба и на Клиниката за Неврохирургија, а ние сме единствена земја во Југоисточна Европа каде ќе се врши оваа метода.

Операцијата ја изврши министерот за здравство и неврохирург д-р Венко Филипче, со асистенција на неврохирурзите д-р Владимир Рендевски директор на Клиниката и д-р Благој Шунтов.