Се интензивира процесот за креирање стратегија за паметна специјализација, кој почна во 2019 година. Целта е Северна Македонија што побргу да добие стратешки документ кој обезбедува модерен пристап за економски развој преку меѓусебно поврзување на академската заедница, бизис-секторот, владините институции и граѓанскиот сектор за заедничко детектирање и дејствување во областите во кои државата има најголем потенцијал и доволно ресурси да инвестира. Со тоа ќе се забрзаат севкупниот државен напредок и конкурентноста во глобалната економија. Ова е заеднички став на вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, и министрите за образование и наука и за економија, Јетон Шаќири и Крешник Бектеши, кои денес на настан во Владата го означија продолжувањето на следната фаза од процесот на креирање на стратефијата, која воедно е и еден од предусловите за пристапување кон членство во Европската Унија.

„Ова е процес почнат пред 3 години. Вклучени се институциите на системот, а најважни учесници се бизнис-заедницата, научно-академската фела и невладиниот сектор. Овие четири страни заеднички работеа и веќе првично детектираа четири области во кои Северна Македонија има потенцијали за голем развој и кон кои треба да се насочи. Се работи за паметно земјоделство и прехранбена индустрија; информатичко-комуникациска индустрија; индустрија 4.0, каде што спаѓаат електромашинската, металопреработувачката и автомобилската индрустрија, и последната област е паметни објекти и материјали“, рече Шаќири нагласувајќи дека детектирањето е направено во согласност со методологијата на заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија.

„Нотирано е дека треба да се вложува и во туризмот и во енергетиката како сегменти што ги поврзуваат четирите области што ги споменав“, додаде министерот за образование и наука.

Тој информира дека за секоја од четирите области формирани се посебни работни групи и тие од денес почнуваат интерни дебати што ќе траат до крајот на мај, со цел јакнење на меѓусебната доверба, промовирање нови форми на соработка, детаљно скенирање на потенцијалните области за инвестирање и допрецизирање на најдобриот пристап за тоа како и што да се вложи во тие области.

Според Бектеши, усвојувањето на оваа стратегија ќе обезбеди повеќекратен ефект.

„Ќе знаеме точно каде, во кои области имаме добар потенцијал што може да се искористи и што треба да направиме, да го одбереме најдобриот пристап за да го оствариме целосно тој потенцијал. Друга важна работа е што со самото усвојување на овој документ нам како земја ни се отвораат нови финансиски можности. Всушност, оваа стратегија е предуслов за искористување на структурните фондови на ЕУ. А тоа се пари што ќе значат стимулација на нови мерки и активности во областа на образованието, економијата, развој на иновации и генерално на науката“, додаде Бектеши.

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, истакна дека од денес, па во следните неколку месеци ќе се организираат повеќе јавни настани поврзани со процесот на изработка на стратегијата за паметна специјализација, за, како што рече, да се сензибилира јавноста за оваа тема, да се појасни што побразбира овој процес, кој терминолошки звучи непознато и апстрактно, но и да се вклучат што повеќе луѓе во него.

Информира дека поддршка за креирање на стратегијата е обезбедена од Светската банка, GIZ и ИМЕ-програмата финaнсирана од Швајцарската агенција за развој и соработка, а подоцна, како што рече вицепремиерот, ќе се вклучат и Развојната банка и други релевантни домашни и меѓународни институции.

Процесот на креирање на стратегијата за паметна специјализација го координира Министерството за образование и наука со поддршка на Министерството за економија, а под покровителство на вицепремиерот за економски прашања.