Во рамки на својот буџет за 2021 година, Министерството за образование и наука врз основа на претходна согласност од Владата, обезбеди дополнителни средства за поддршка на научно истражувачката работа на Јавните научни институти. Со средствата е предвидено да се финансира реализацијата на научно-истражувачки проекти на овие самостојни научни установи кои вршат дејност од висок стратешки и национален интерес за Република Северна Македонија и за оваа намена е објавен повик кој може да се погледне на следниот линк.

Секоја Јавна научна установа може да поднесе пријави за финансирање на најмногу три научно-истражувачки проекти, а вкупниот износ кој ќе се доделува за финансирање на проект изнесува најмногу до 3 милиони денари. Крајниот рок за поднесување на пријавите е 20.9.2021 година. Разгледувањето и рангирањето на апликациите ќе го вршат посебни комисии формирани за оваа намена.

Имајќи предвид дека науката, истражувањето и иновациите се клучни носители на севкупниот општествено – економски напредок на државата и еден од основните услови за интеграција во Европската унија, МОН и Владата на Република Северна Македонија и во иднина ќе продолжат да посветуваат особено големо внимание на нивниот развој.

Во оваа насока, буџетот за наука во изминатите три години е речиси двојно зголемен.

Дополнително, МОН работи на целосна промена на начинот на финансирање на научно истражувачката дејност преку воведување програмско и планско финансирање и продолжување на грантовото финансирање. Исто така, во подготовка е нов Закон за научно истражувачка дејност од страна на работна група составена од претставници на сите универзитети и претставници на научните институти.

Целта на заложбите и на крупните промени кои ќе следат и по однос на измените на законската регулатива и по однос на обезбедувањето што повеќе буџетски средства за наука е да се зголеми учеството на БДП во науката и да се приближи на нивото на кое што е во земјите од ЕУ.

За потсетување, во петокот МОН објави и повик за распределба на 17,3 милиони денари наменети за развој на лабораториската инфраструктура во рамки на факултетите и научните установи, а со цел зголемување на обемот на научно истражувачка дејност.