Република Северна Македонија презема конкретни чекори и посветува огромно внимание на развојот на науката, истражувањето и иновациите кои се клучни носители на севкупниот општествено – економски напредок на државата и еден од основните услови за интеграција во Европската унија.

Денеска кога светот го одбележува Меѓународниот ден на науката -10 ноември, потсетуваме дека МОН гради систем кој ќе обезбеди континуитет во вложувањето во науката.

Во таа насока е и зголемувањето на процентот од БДП што се двои за науката и во континуитет се зголемува секоја година. Ако во 2018 година беа одвоени 252 милиони денари за наука, во 2019 – 295 милиони денари, во 2020 – 300 милиони денари, во 2021 година во буџетот имаме над 400 милиони денари.

Работиме на целосна промена на начинот на финансирање на научно истражувачката дејност преку воведување програмско и планско финансирање и продолжување на грантовото финасирање.

Од минатата година за прв пат Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Министерството за образование и наука преку грантовското финансирање додели 34 иновациски ваучери со вкупна вредност од 15 милиони денари коишто треба да го поттикнат развојот на науката во земјата. Очекувањата се во 2022 година да се воведе и програмско финансирање кое ќе се спроведува во континуитет.

Од оваа година по цела деценија е вратена поддршката којашто нуди нови можности за научно – истражувачките работници, во висина од вкупно 17,3 милиони денари наменети за истражувачки цели и развој на лабораториски ресурси на научните и високообразовните установи.

А другиот повик е за финансирање на реализацијата на научно-истражувачки проекти на јавните научни установи. Тие ќе добиваат до 3 милиони денари по проект. И оваа финансиска поддршка се воведува повторно после 10-тина години, со што се излегува во пресрет на потребите и барањата на Јавните научни установи.
Во оваа насока, годинава со одлука на Владата, а преку буџетот на МОН се обезбедени и средства во висина од 6 милиони денари наменети за реагенси и потрошен лабораториски материјал за потребите на Институтот за имунобиологија и хумана генетика на Медицинскиот факултет при УКИМ за спроведување на проект врзан за анализа на имуногенетски профил на пациенти заболени од Ковид – 19.

Како поддршка за создавање на кадар кој би се занимавал со наука и истражување, во новата академска година, за прв пат воведовме и стипендии за трет циклус на студии за одредени дефицитарни струки. Доделуваме 15 стипендии од по 18.000 денари за 12 месеци во годината, а ги вративме по цела една деценија и стипендиите за постдипломски студии во државата и доделуваме 50 стипендии од по 9.000 денари за 9 месеци во годината, за области каде постои дефицит на кадар.

Важно е и да се напомене дека државата стана дел од големата меѓународна програма за наука Хоризонт Eвропа, која е наследник, или продолжение на Хоризонт 2020. Таа отвора многу можности за развој на науката преку вмрежување, реализација на заеднички меѓународни проекти и слично.

Во меѓувреме формиран е Национален совет за високо образование и научно-истражувачка дејност, кој како самостоен стручен орган ќе работи на обезбедување, оценување, развој и унапредување на квалитетот во високото образование и научно-истражувачката дејност во државата и нивно целосно ставање во служба на општеството и неговиот развој.