Од детството нè учат да ги толкуваме боите на семафорите. Знаеме дека црвеното значи дека треба да застанеме, додека зеленото е сигнал дека е во ред да ја преминеме улицата или да продолжиме да возиме ако сме зад воланот. Жолтата ни сигнализира дека треба да бидеме внимателни бидејќи семафорот ќе се менува меѓу другите две бои. А зошто токму овие бои се одбрани да бидат на семафорите, а не некои други како на пример виолетова, сина…?

Семафорите постоеле многу пред појавата на автомобилите. Тие првпат биле користени за давање сигнали на возовите во 19 век. Уште во тоа време црвеното сигнализираше дека треба да престанете. Зелената, сепак, не сигнализираше дека треба да одите или да продолжите да возите, туку претпазливост, додека белата ја имаше улогата што ја има зелената денес.

Ова им направи големи проблеми на машиновозачите бидејќи белата боја на хоризонтот ноќе не се разликува многу од ѕвездите. Поради оваа причина, железничките компании одлучија дека зеленото треба да биде она што ќе сигнализира безбедно поминување, и така остана до денес (освен во Јапонија, каде сината ја има истата улога).

Што се однесува до црвената боја, таа практично секогаш сигнализирала опасност, многу пред модерниот сообраќај. Поради тоа што е бојата со најдолга бранова должина, најлесно се разликува од далечина.

Жолтата, од друга страна, има бранова должина помеѓу црвената и зелената, па затоа е идеална како симбол на претпазливост.