Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски традиционално го испи академското кафе заедно со студентите од Факултетот за безбедност, со деканот проф. д-р Никола Дујовски и со професорите од овој факултет.

,,Пандемијата со Ковид-19 и изминатава година во голема мерка го детерминираше начинот на кој живееме и функционираме, како приватно, така и професионално. Да бидам искрен, секогаш со големо задоволство учестувам на сите настани организирани од Факултетот за безбедност, па така и денеска и на овој начин имаме простор со почитуваните професори и со вас, студентите, да поразговаме на сите теми кои заеднички нѐ засегаат, како што се актуелните теми во областа на безбедноста, криминалот, реформите во полицијата, развојот и кариерата на студентите и, впрочем, сѐ она што е ваш предмет на интерес. Со вака добро друштво, убаво избрани теми и ова онлајн кафе, сигурен сум дека ќе имаме пријатно и квалитетно поминато време. Зад нас оставаме уште една тешка година, исполнета со активности во еден дел креирани поради нужност, како одговор во менаџирањето на глобалната пандемија со Ковид-19, но и година во која успеавме да реализираме голем број проекти и активности од институционален и професионален план кои директно влијаат врз квалитетот на животот и безбедноста на сите наши граѓани“, рече министерот Спасовски.

Министерот Спасовски ја искористи можноста да ги информира студентите за сите реализирани проекти и активности од институционален и професионален план изминатиов период, кои директно влијаат врз квалитетот и безбедноста на животот и безбедноста на нашите граѓани, како и да ги запознае одблизу со плановите за Новата 2022 година.

,,Со Факултетот за безбедност низ годините изградивме и имаме исклучително добра и квалитетна соработка во креирање на безбедносните стратегии, обука на персоналот на министерството на сите нивоа што, пак, претставува добра основа за креирање на квалитетни кадри од областа на безбедноста, кои во голем дел ги реализираат своите професионални амбиции во Министерството за внатрешни работи, давајќи општествен придонес во развојот на нашата држава. Затоа, дозволете ми да го заокружам моето обраќање пред вас, честитајќи ви ја Новата година да ви посакам, пред сѐ, добро здравје вам и на вашите семејства, со желба вашата посветеност кон науката и професионалната надградба да бидат проткаени со успешно совладување на новите предизвици, бидејќи успехот сам по себе никогаш не е случајност. Успехот е производ на макотрпна работа, посветеност, но најмногу од сѐ – љубов кон она што сте одлучиле да биде ваша животна определба, ваша професија, бидејќи иднината им припаѓа на оние кои веруваат во своите соништа“, порача во своето обраќање министерот Спасовски посакувајќи им и на професорите успех на личен и на професионален план, со верба дека и во иднина Факултетот за безбедност, како врвно етаблирана институција, ќе продолжи да создава кадри од областа на безбедноста со кои државата ќе се гордее.