Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го искористи работниот престој во Тирана, каде учествуваше на двете пленарни сесии предвидени за првиот ден посветен на областа Внатрешни работи од годишниот Министерски форум ЕУ-Западен Балкан, и во просториите на Амбасадата на РСМ оствари средба со претставници на друштвата на македонската заедница во Република Албанија.

Претставници од македонските друштва “Сонце”, “Илинден” , “Мир”, нашинци кои живеат во пограничните области, Голобрдо, Елбасан и Преспа, како и претседателот на македонската Алијанса за европска интеграција Васил Стерјовски, упатувајќи благодарност поради слухот што оваа Влада и министерот Спасовски го имаат за потребите на Македонците во Албанија, ги претставија нивните идеи и размислувања околу предизвиците со кои се соочуваат во Албанија.
Министерот Спасовски, согласно веќе воспоставената практика за време на работните престои во странство да остварува средби со нашите исселеници, подвлече дека целта на ваквите средби е да се иницираат и забрзаат веќе отпочнатите активности за подобрување на условите на нашите граѓани во државите во кои живеат.

Македонската заедница во Голобрдо изрази интерес за изнаоѓање начин за продолжување на работното време на Граничниот премин Џепиште Требиште, кој е од локален карактер и не работи постојано, со што во голема мерка би се подобриле условите за живот на локалното население, изразувајќи благодарност за веќе решениот проблем со електрична енергија на истиот граничен премин.

Министерот Спасовски најави дека заедничката седница на Владите на Република Северна Македонија и Република Албанија, која ќе се одржи кон средината на овој месец во Скопје претставува можност за иницирање на решенија за предизвиците на македонската заедница во Албанија, а притоа ги образложи и придобивките кои ќе ги овозможи Отворен Балкан со понатамошна реализација на предвидените активности.