Денеска, (01.11.2022) министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, се обрати на 17. Регионална средба на мрежата на експерти за огнено оружје во југоисточна Европа – СИФЕН.

На почетокот од своето обраќање, министерот Спасовски се заблагодари за поддршката што Европската Унија ја дава на Агенцијата за контрола на мало и лесно оружје во југоисточна и источна Европа- СИСАК (SEESAC) во делот на активностите за разоружување и контрола на оружјето што од 2013 година во континуитет ја помага мрежата SEEFEN да ги реализира овие значајни средби низ целиот регион.

„Уверен сум дека состаноците на SEEFEN поттикнуваат не само продлабочување на регионалната соработка во развојот на вештини и координација во борбата против недозволена трговија и нелегално поседување огнено оружје, туку и посилна соработка со Европската Унија, нејзините земји-членки и специјализираните агенции на Европската Унија, како и клучните меѓународни актери во областа кои се редовни учесници на настанот”, истакна министерот Спасовски. Тој додаде дека сите присутни на конференцијата, особено високите полициски истражители, балистичките експерти, претставниците на граничната полиција, обвинителите и царинските службеници од целиот регион тежнеат кон истакнување на добрите пракси, размена на знаење од научените лекции, споделување информации за новиот модус операнди и патот напред како директен придонес кон спроведувањето на Патоказот за одржливо решение за нелегалното поседување, злоупотреба и трговија со мало и лесно оружје и нивна муниција во Западен Балкан.

Истакнувајќи ја важноста на глобалните и национални активности, здружени со добро координираната национална и регионална соработка на сите агенции за спроведување на законот, министерот Спасовски информираше дека Република Северна Македонија во изминатите години активно работеше на спроведување на активности во процесот на воспоставување на систем на сеопфатна контрола на оружјето, согласно целите утврдени во Националната стратегија за мало и лесно оружје и Акцискиот план.

„Во рамките на спроведување на целите од Патоказот, Националната комисија за мало и лесно оружје, односно Министерството за внатрешни работи и другите надлежни институции активно работат на усогласување на законската регулатива од областа на мало и лесно оружје и експлозивни материи со европската регулатива. Активно се работи и на спроведување на сите планирани активности во насока на остварување на поголеми резултати во подигнувањето на јавната свест за опасностите од злоупотреба на огнено оружје, спречување на трговијата со оружје, како и воспоставување ефикасни системи за размена на информации”, рече министерот Спасовски.

,,Борбата против недозволената трговија со оружје е издигната на ниво на стратешки приоритет на Министерството за внатрешни работи и како резултат на плански и насочено-интензивирани активности во областа, постигнати се значајни резултати за што доказ се зголемениот број на откриени кривични дела и зголемување на вкупните количини на заплени со оружје, муниција и распрскувачки материи, а позитивни резултати се постигнати и во делот на сузбивањето на организираните облици кои се поврзани со недозволената трговија со оружје“-го заокружи своето обраќање министерот Спасовски.