Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го отвори Меморијалниот фудбалски турнир посветен на споменот и незаборавот на припадниците на МВР, хероите: Ерол Готак, Сашко Соколов и Коце Крстев. Министерот Спасовски предводејќи делегација од МВР положи цвеќе пред спомен обележјето на загинатите бранители Готак, Соколов и Крстев.

„Традицијата e вредност, длабоко вткаена во човековото постоење. Вредност која што не зближува едни со други, која што ја дава онаа важна нитка на благородна почит што им помага на спомените да останат – бесмртни. Овој меморијален турнир ја има токму таквата возвишена цел: повторно да не собере, и сите заедно да се присетиме на ликот и делата на луѓето што некогаш беа со нас, се радуваa и тагуваа заедно со нас, кои храбро и достоинствено ги положија своите животи за нас, за татковината -нашите другари, соборци и колеги Ерол, Сашко и Коце”, истакна министерот Спасовски.

Оддавајќи им должна почит ним и на нивните најблиски, министерот Спасовски рече дека оваа загуба ниту ќе може, ниту ќе се успее кога било да се надомести, при што порача:

„Никогаш и заради ништо не смее да заборавиме кому и што му должиме, и дека тој долг не обврзува постојано и постојано да тежнееме и да бидеме подобри и по достојни луѓе”, рече министерот Спасовски, оддавајќи почит кон загинатите колеги и кон нивните семејства, со уверување дека спортскиот дух на оваа традиционална манифестација, се најдобриот влог што ќе овозможи нејзина долговечност.