– Скопскиот аквадукт е еден од последните на Балканот кој е зачуван во целост. За жал, не можеме да се пофалиме дека е тоа по наша заслуга. Затоа го нареков ремек-дело на старите градители коешто им пркосело на вековите, на природните непогоди, на војните и на луѓето. Сега имаме шанса тоа да го исправиме. Тоа и го правиме – рече министерката за култура, Ирена Стефоска, на денешната работна посета на локалитетот кај Скопскиот аквадукт.
Придружувана од директорот на Управата за заштита на културното наследство, Ацо Костов, и од директорот на Конзерваторскиот центар – Скопје, Коле Чапкановски, Стефоска најави дека денеска започнува првата фаза на конзервација и реставрација на Скопскиот аквадукт.

– Заштитата е скапа работа, но не е ништо во однос на вредноста на ова културно добро. Аквадуктот не е градежен материјал за несовесните и несвесните ниту, пак, е сеф со некакво скриено богатство за крадците. Напротив, самиот Aквадукт е скапоценост – рече Стефоска. Таа изрази уверување дека институциите ќе го вложат сето знаење и умешност во неговата заштита и, како што кажа, имаме обврска, Аквадуктот да го промовираме пред светот кој ја препознава вредноста на овие споменици и ги става на туристичките мапи како атрактивни дестинации.

– Но, пред тоа, неговата вредност треба да ја промовираме дома зашто, за жал, имам впечаток дека повеќето знаат каде се наоѓа „Сити мол“, но не знаат каде е овој древен водовод и што тој претставува. Некој можеби ќе рече: „Тоа и го спасило “. Но, убедена сум дека од денеска Аквадуктот ги добива заслуженото внимание и грижа – рече Стефоска.

Директорот на Управата за заштита на културното наследство, Ацо Костов на денешната прес-конференција посочи дека станува збор за обемна и скапа работа и веројатно ќе изискува подолг период.

-Сега ја почнуваме работата од нулта позиција, а тоа е овде на лице место првин да се зачува физичката состојба на Аквадуктот. Драго ми е што ќе отпочнат работите и се надевам на добра и успешна завршница, додаде Костов.

Како што рече, ќе се работи на повеќе сегменти, ќе бидат инволвирани повеќе стручни лица од различни области, архитекти, конзерватори, историчари и останати.
-Се надевам дека ова ќе биде почеток на еден план каде Аквадуктот ќе добие соодветно место за Скопје и за сите туристи и останати граѓани во државата. Се надевам дека ќе се вклучат и останатите фели, ова ќе биде еден простор многу убав за различни манифестации, за младите, за културата, спорот и останатите, посочи Костов.

Според директорот на Конзерваторскиот центар – Скопје, Коле Чапкановски, оваа година е многу значајна во делот на заштита на нашето наследство.

– Најпрвин се почнува со акитивности околу каналот, односно водите што некогаш овде биле во изобилие, ќе ги насочуваме кон другиот канал. Следна постапка е зајакнување на столбовите. Тука сме да го зачуваме ова дело, да има еден бенфит за самата наша држава во сите погледи, рече директорот Чапкановски на денешната прес-конференција

На прес-конференцијата беше истакнато дека Владата, неодамна, донесе одлука за прогласување на Аквадуктот за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење, поради тоа што овој величествен споменик поседува вредности, не само од големо национално значење туку тој му припаѓа и на човештвото. Со тоа Скопскиот аквадукт го доби највисокиот акт на заштита, што овозможува трајно зачувување на неговите вредности во културна и во историска смисла.