Пакистан во вторникот вакцинираше милион луѓе против коронавирус, што претставува чекор напред во кампањата за вакцинација.

Ова се случи само неколку недели пред крајниот рок работниците на јавни места да добијат потврда за вакцинација.

Владата на Пакистан минатата недела објави дека од крајот на овој месец, на работниците во училиштата, трговските центри и угостителските објекти, како и во транспортната и воздухопловната индустрија ќе им биде забранет влез во јавни простории доколку немаат сертификат. Така, тие имаат рок до 31 август да се вакцинираат.

По овој рок, невакцинираните лица нема да смеат да работат.

„Среќни сме што можеме да објавиме дека целта од еден милион вакцини во еден ден е надмината“, рече Асад Умар, министер одговорен за операцијата „Ковид 19“.

Пакистан се соочува со зголемување на инфекции со коронавирус, предизвикани од многу позаразнана делта варијанта, што го става лошиот здравствен систем под голем притисок.

Од вкупното население од 220 милиони, повеќе од 31 милион примиле една доза на вакцина против коронавирус, но само 6,7 милиони луѓе биле целосно вакцинирани, соопшти Националниот центар за команда и операции (НЦОК), воено тело кое ги следи операциите Ковид -19 .

Пакистан регистрираше 3.582 нови случаи и 67 смртни случаи за помалку од 24 часа, додека повеќе од 3.300 луѓе се во критична состојба.

Досега, 23.529 луѓе починале од коронавирус во земјата, а регистрирани се повеќе од милион инфекции.

Официјалните лица велат дека повеќе од 70 проценти од новите случаи се инфекции со делта сојот.
По бавниот почеток на кампањата за вакцинација, новиот услов за потврди за вакцинација доведе до наплив на луѓе кои сакаат да добијат доза. Така, редици подолги од еден километар се формираа пред некои центри за вакцинација, особено во јужниот пристанишен град Карачи, главниот град на провинцијата Синд.

Владата во Синд воведе дополнителен притисок врз луѓето да се вакцинираат, предупредувајќи дека ќе ги задржат платите на државните службеници и ќе ги блокираат СИМ -картичките на мобилните телефони на луѓето, доколку не ги имаат потребните сертификати.

Откриено е дека околу 23 проценти од луѓето кои биле тестирани за корона вирусот во Карачи, го имаат вирусот, додека низ целата земја, позитивната стапка на тестирање беше нешто повеќе од 7 проценти.