Судењето за Таргет Тврдина утринава се одложи откако обвинетиот Сашо Мијалков пројавил симптоми на коронавирусот, а на денешото рочиште беше предвидено да сведочи министерот за правда Бојан Маричиќ.

Имено неговиот адвокат Љупчо Шврговски изјавил дека сопругата на Мијалков била заразена со корона, а синоќа и тој пројавил симптоми по што интервенирала болничка екипа од приватна болница во неговиот дом и препишана му е соодветна терапија.

Мијалков имал висока температура и сува кашлица, а поладнево е предвидено да направи и тест на Ковид 19.

– Вчера доцна бев известен од Сашо Мијалков, дека неговата сопруга Ана Мијалкова е позитивна на тестот на корона вирус. Истовремено од негова страна ми беше посочено дека и тој има покачена температура и сува кашлица и денеска попладне ќе прави тест, изјави Шврговски.

До судот, бранителот на Мијалков, го достави позитивниот тест и издадената терапија.