Безидејноста и немањето понуда и решенија во опозициските редови одново се потврдија на вчерашниот дуел меѓу претседателите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски. Опозицискиот лидер уште еднаш покажа дека главно оружје му се контрирањата и нападите, но се сопнува на аргументите. Во фокусот на дуелот беше поставена темата за трагедијата во Тетово, а и покрај жалењето за настанот што јавно го сподели Заев, кој додаде дека прашањето за одговорноста ќе добие одговор по резултатите од вештачењето и наодите на обвинителите, од друга страна Мицкоски не го пропушти моментот да се обиде политички да поентира, покажувајќи единствено порив за профитерство во пресрет на локалните избори наместо емпатија.

Барајќи оставки од премиерот и други високи функционери, Мицкоски себе си се стави во улога на истражител, обвинител и судија, па „пресуди“ кој се треба да понесе одговорност за пожарот во модуларната болница, што многу потсетува на владеењето на неговиот претходник во партиската фотелја, Никола Груевски, во чие време извршната и судската власт беа поистоветени. Мислејќи дека ќе се додвори на народот Мицкоски со ваквите ставови се поистовети со Груевски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, најверојатно и под емоции по резултатите од политичкиот барометар на „Брима“ објавени во „Слободен печат“, каде јасно се покажува водството на СДСМ и Зоран Заев, се обиде и да го дискретира истражувањето велејќи дека е нарачано од страна на Владата, по што експресно беше демантиран. Ова беше само еден од примерите во кои Мицкоски се обиде да „протне“ лажна вест или манипулација на дуелот кој се емитуваше пред целата јавност, што повторно укажува дека опозициската партија не ги научила лекциите од минатото и продолжува со неодговорно однесување. Но, Мицкоски уште во текот на денот, пред дуелот, сфатил дека резултатите од анкетата на „Брима“ се релевантни, па експресно си нарачаа своја анкета, само неколку часа откако прочитаа дека граѓаните гласаат за поинаква политика од нивната. Таа анкета ја објави анонимна оранизација, која нема искуство во истражувања на јавното мислење.

Со користењето на непристоен вокабулар, неосновани обвинувања, па дури и навреди, Мицкоски повторно под сомнеж ја доведе неговата способност да биде претседател на ВМРО-ДПМНЕ и продолжи во стилот на препознатливата ароганција, додека пак спроти себе во студиото наиде на смиреност, аргументираност и почит кон неистомисленикот, што е пак својствено за премиерот Зоран Заев. Двајцата, на крај, сепак подадода рака и ветија фер предизборна кампања.