Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски продолжува со мешањето во работењето на локалните самоуправи каде што ВМРО-ДПМНЕ има градоначалници. Овој пат, освен сликање со проектите започнати од градоначалниците од СДСМ, Мицкоски кажа дека биле во фаза на преговори за набавка на автобуси, наместо независната градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска.

Тој најави дека се преговара за набавка на 100 електрични автобуси за скопјани, без да прецизира во кое својство тој, како лидер на опозиција, е вклучен во овој процес.

За ситуацијата да биде уште посомнителна, градоначалничката Арсовска досега не кажала или најавила дека се водат преговори со компании за набавка на возилата, додека Мицкоски рече дека наскоро ќе бидел распишан тендер.

„Во завршна фаза сме и во подготовка на тендерската процедура за набавка на овие автобуси, но исто така со сите овие потенцијални снабдувачи разговараме и за отворање на фабрика тука во Скопје во Македонија за производство на овие електрични автобуси во кое што ќе се вработат минимум 500 луѓе“ рече лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски.

Ваквото мешање на Мицкоски и неговата партија во набавката на автобуси на Град Скопје потсетува на набавката на кинеските автобуси во 2010 година, за што обвинителството ги обвини Игор Јанушев и Миле Јанакивски за злоупотреби и оштетување на буџетот за речиси пет милиони евра.