Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во интервјуто на телевизија Канал 5 ја подржа иницијативата на ССМ за зголемување на минималната плата, но под услов ако тоа значи и линеарно зголемување на сите останати плати.

„Тоа е една чудна непопулистичка од една страна приказна, од друга популистичка. Синдикатите велат минимална плата 18 илјади, работодавачите велат тоа нема да го издржиме ќе ги завршиме безнисите. Но, суштинскиот проблем е дали ако имаме ние минимална плата од 18 илјади денари ќе ги нивелираме сите останати плати нагоре. Тогаш сме „за”. Ако ние потоа ги нивелираме сите останати плати линеарно на ова зголемување, тогаш сме за, затоа што сите работници треба да го остварат тоа право,“ изјави Мицковски.

Овој став е различен со оној на професорот Трајко Славески од ВМРО ДПМНЕ, кој отворено е против зголемувањето на минималната плата затоа што како што вели ако тоа биде усвоено тогаш фирмите ќе биле принудени да затворат:

„Ова што го бара Синдикатот се коси со целокупната практика во Европа и во светот. Минималната плата не може да се однесува на преку 20 проценти од вработените како прво, и не може да биде 60 проценти од просечната, кога Европската унија која изрично наложува максимум да биде 50 проценти“, смета Славески.

Со ваквите различни ставови, функционерите во ВМРО ДПМНЕ ги збунија работниците и преставниците на синдикатите, кои очекуваат широка поддршка во општеството за зголемување на минималната плата. Ставот на Славевски е практично став на ВМРО ДПМНЕ во децениското владеење на Никола Груевски, кога минималната плата со години беше закована на 9 500 денари.