Претседателот на Националниот демократски институт, Дерек Мичел преку својот твитер профил ја поздрави одлуката на премиерот Зоран Заев, земјава привремено да прифати авганистански цивили и потенцира дека таквото лидерство и солидарноста на Заев, е она што се бара во време на ваква криза.

„Националниот демократски институт (НДИ) го поздравува премиерот на Северна Македонија Зоран Заев, за неговата заложба да прими авганистански цивили во неволја, кои својот живот го посветиле на мирно, мултиетничко општество со еднакви права за сите. Таквото лидерство и солидарност е она што се бара во време на криза“, пишува Мичел.

Покрај од првиот човек на НДИ, потегот на Заев пред два дена беше поздравен и од страна на поранашената државна секретарка на САД, Медлин Олбрајт, која порача дека фокусот треба да е ставен на спасувањето животи во Авганистан.

-Благодарна сум им на Албанија, Канада, Косово и Северна Македонија што ќе им пружат засолниште на авганистанските сојузници, вели Олбрајт.

Претходно од Владата информираа дека се работи на координација и утврдување детали за преземање шест жени и деца, вработени или членови на семејства на вработени од Мисијата на Обединетите Нации во Авганистан, како и околу 180 граѓани, жени, деца, вработени или членови на семејства од хуманитарни организации, организации за човекови права, новинарски и друг тип здруженија кои во изминатите 20 години работеа на одржувањето на мирот во Авганистан.